Предизборно гребење улици, постизборен одмор
Општина Чаир го отстрани асфалтот на улиците во Топанско Поле, Чаир и во Гази Баба
Снежана Калабакова
Општина Чаир непосредно пред изборите стартуваше со голема реконструкција на улиците на својата територија, а по нивното завршување се' да се стави во мирување. Нема ни трага од градежните зафати и од работниците што во предизборието работеа на сообраќајниците во населбите Топанско Поле, Чаир, Дуќанџик и Гази Баба.
Тогаш беше изгребан асфалтот на улиците „Благоја Паровиќ“ пред пензионерскиот дом во Топанско Поле, „Ордан Чопела“ во Чаир и на „Виргино“ во населбата Гази Баба. Но, набрзо работите замреа. Одговорните од Чаир тогаш т��рдеа дека не станува збор за предизборно крпење на сообраќајниците, туку само ги реализираат програмските активности на Општината што се предвидени за годинава. „Утрински весник“ уште пред изборите ги праша колку улици ќе бидат реконструирани и што се' е предвидено да се работи. Но, не добивме одговор, како што не беше прецизирано ниту на колку сообраќајници само ќе се стави нов асфалт. Парите, пак, не се спомнуваа ниту тогаш ниту сега, бидејќи, како што велат, пресметките допрва ќе го покажат тоа, односно по завршувањето на работите.
Улиците низ општина Чаир навистина „плачеа“ за реконструкција. Жителите ги искршија автомобилите од огромните дупки во асфалтот. Сега, откако тој е изгребан, проблемот дополнително се усложни, а по тесните улички во Топанско Поле тешко се движат не само автомобилите, туку и автобусите на градскиот превоз. Останаа нерасчистени и пенушките од исечените повеќедецениските дрвја од дрворедот на улицата „Август Цесарец“. Нивното отстранување ќе создаде простор за тротоар што им недостигаше најмногу на учениците од основното улиште „Рајко Жинзифов“ во населбата Топанско Поле.
„Работите малку запреа поради изборите, но, секако, ќе продолжат. Штом ќе се пополнат дупките на улиците и ќе се исчисти она што беше изгребано од асфалтот, од понеделник ќе почнеме со асфалтирање. Најпрвин ќе се работи на улиците ’Благоја Паровиќ‘ и ’Методи Митевски‘ во Топанско Поле, а ќе бидат асфалтирани 14.000 квадратни метри. Потоа ќе асфалтираме и 2.000 квадрати во Топаана. Всушност, планирано е асфалтирање на вкупно 4.000 квадратни метри сообраќајници на територијата на Чаир и со тоа ќе ја реализираме планираната програма за асфалтирање и за крпење улици за годинава“, објасни Авни Калаба, портпарол на општината Чаир. |