Извештајот на странскиот експерт за хеликоптерот ќе доцни
Обезбедени се пари за експертизата на Едвар Пули, но тој бара дополнителни податоци за хеликоптерот
Даниела Трпчевска
Извештајот на британскиот експерт од вештачењето на хеликоптерот што се урна кај Блаце, ќе доцни, но не поради финансиски проблеми. Воздухопловниот експерт Едвард Пули побарал дополнителни податоци од Министерството за одбрана и од Комисијата за истражување на воздухопловни несреќи, кои му биле доставени на разгледување. Кога конеч��о ќе биде готов извештајот, засега не се знае, но јавниот обвинител Љупчо Шврговски за „Утрински весник“ тврди дека проблемите со финансиите се надминати, оти средствата неодамна биле префрлени на нивната сметка.
„На 7 септември Владата донесе одлука да се префрлат два милиона денари на сметката на Јавното обвинителство, со цел да се покријат трошоците од направеното вештачење во Лондон“, вели Шврговски.
Владата во проекциите за ланскиот буџет еднаш веќе одобри средства за странската експертиза хеликоптерот, но поради тоа што се' уште не беше одлучено кој ќе го направи вештачењето, средствата беа повлечени. Обвинителството сега вторпат побарало одобрување пари, кои неодамна им биле одобрени за исплата на вештакот од Лондон.
Средствата за странската експертиза ќе бидат исплатени кога судот ќе ги добие резултатите од експертизата за причините за падот на армискиот „Ми-17“, кој пред две и пол години се урна кај катлановско Блаце, при што загинаа 11 мировници.
Британскиот експерт Едвард Пули во мај годинава престојуваше во земјава и изврши увид на местото каде што е урна армискиот „Ми-17“, а го посети хангарот каде што се чуваат остатоците од хеликоптерот. Потоа со обемната документација замина за Лондон, при што доби рок од три месеци за да го комплетира вештачењето.
Според најавите од Обвинителството, времетраењето на вештачењето ќе се пролонгира, бидејќи Пули пред 20-ина дена побарал дополнителни податоци од Министерството за одбрана и од Комисијата за истражување на воздухопловни несреќи.
„Откако ќе го добиеме вештачењето, ќе можеме да кажеме дали ќе биде поднесено обвинение и против кого. Но, експертот во својот извештај ќе мора да ги детектира причините за несреќата и да лоцира каде лежат пропустите што доведоа до паѓањето на армискиот хеликоптер“, објаснува јавниот обвинител Шврговски. Странската експертиза на хеликоптерот беше спроведена токму по негово барање, откако Шврговски се изјасни дека од трите извештаи што ги изготвија домашните комисии, не може да се утврди одговорноста за падот на хеликоптерот. Кобната несреќа се случи на 12 јануари 2008 година кога на брдото кај катлановско Блаце се урна армискиот хеликоптер „Ми-17“. |