Струмица - Радовиш пат на смртта
Последниве две недели оваа делница одзеде четири млади животи
СТРУМИЦА - Делницата од магистралниот пат Струмица - Радовиш, само неколку километри пред влезот во Струмица, последниве две недели одзеде четири млади животи, а исто толку лица се повредени. Оваа делница е изградена пред седум години, со што беше замената старата и уникатна макадамска коцка. Станува збор за права коловозна лента, на која иако брзината е ограничена на 80 километри, ретко кој од возачите ја почитува. Оние што возат ко�� Струмица се чини дека брзаат да стасаат, а тие, пак, што излегуваат од градот сакаат што побргу да ја минат оваа делница.
Последните три сообраќајни незгоди се случија токму поради неприспособената брзина. Во завчерашната сообраќајна несреќа, во која згаснаа два млади живота, а едно лице е потешко повредено, едно од возилата се движело со поголема брзина од дозволената, а за другите две сообраќајни незгоди причина е излетувањето од патот, најверојатно, поради неприспособена брзина.
Поискусните возачи предупредуваат дека иако станува збор за делница на која може да се достигне двојна брзина од пропишаната, сепак, треба максимално да се внимава, бидејќи и од двете страни на патот има исклучувања за неколку населени места, а кога коловозот е влажен посебно треба да се биде внимателен, бидејќи тракторите и другата земјоделска механизација често пати оставаат траги од кал по коловозот, кои можат да бидат фатални.
Трите сообраќајни несреќи на оваа делница се случија на растојание од само три-четири километри, што треба да биде опомена за сите оние што не се придржуваат кон сообраќајните прописи на овој дел од патот Струмица -Радовиш. (Е.П.) |