Таблоидот си објави посмртница
Се најавува откривање нови скандали и нови истраги
ЛОНДОН – Најпродаваниот британски таблоид „Њус оф д’ворлд“ се одјави со едноставна порака на насловната страница - „Ви благодариме и збогум“ – оставајќи го медиумскиот естаблишмент тука да се извлекува од проширениот скандал со прислушување на телефоните кој доведе до затворање на весникот по 168 години постоење. Новинарите му напишаа посмртница на сопствениот весник пред да го испратат на печатење последниот број, извинувајќи им се на читателите што ги изневериле, но не ги потврдија најновите тврдења дека вработените им плаќале на полицајци за информација.
„Ние ги почитувавме високите стандарди, ние ги баравме високите стандарди, но како што сега сме премногу болно свесни, за периодот од неколку години до 2006 година, дека некои што работеле за нас, или во наше име, не ги исполнувале овие стандарди“, пишува во пораката објавена на веб-сајтот на таблоидот. „Едноставно, го загубивме нашиот пат. Телефони биле прислушувани и за тоа овој весник најискрено жали“.
Купувањето на „Њус оф д’ворлд“ во 1969 година му овозможи на Мардок, роден во Австралија, прв чекор во британските медиуми. Тој продолжи со преземање на уште неколку други изданија, стекнувајќи се со речиси ненадминливо влијание во британската политика преку далекусежната моќ на текстовите објавувани во неговите весници. Сега тој се соочува со големи критики и бес поради серијата настани активирани со тврдењата дека новинари од весникот и' плаќале на полицијата за добивање информации и упаѓале во говорните пораки на млади жртви на убиства и ужалените семејства на загинати војници.
Неодамнешните откритија кулминираа во одлуката да се затвори весникот и да се остават неговите 200 новинари без работа – но, потегот не успеа да покрене пошироки прашања околу корупцијата во весникот и медиумските регулативи во Велика Британија. Одвратната афера се одвиваше со вратоломна брзина во медиумите и поттикна преиспитување во највисоките нивоа на администрацијата. Премиерот Дејвид Камерон повика на формирање нов систем на прописи за медиумите и вети јавна истрага за тоа што тргнало во лоша насока. Првиот човек на британските новинарски операции на Мардок во Британија најави дека повеќе откритија допрва ќе излезат на виделина.
Последниот број на таблоидот беше на киосците во неделата и насловната страница на весникот беше покриена со колаж од слики на минати ексклузивни вести. На насловната страница стоеше епитаф „најдобриот весник во светот 1843-2011“, а со помали букви под него пишуваше: „По 168 години, конечно, рековме тажно, но гордо збогум на нашите 7,5 милиони верни читатели“.
Во текот на денот, новинарите во таблоидот ја изразија својата тага и гордост во работењето за овој иконски бренд. Во видеозаписот од редакцијата се забележува како новинарите ги завршуваат текстовите, додека на телевизиските екрани се емитуваа снимки од нивната работа и несреќа. Мали индиции му дадоа тон на затворањето на лондонскиот весник – од комеморативните маички на кои има напишано „Збогум, немилосрден ’Њус оф д ворлд‘, јас заминувам денес“, што ја носеше еден од вработените.
Уредникот на весникот, Колин Милер, упати зборови на охрабрување и симпатија кон неговите колеги за „многу тешкиот ден“. „Ова не е тоа што сакаме да биде и не е таму каде што заслужуваме да бидеме“, изјави тој во меморандумот до вработените до кој дојде Британската новинска асоцијација. „Но, знам дека ќе подготвиме весник на кој ќе бидеме горди“.
Хелен Мос, уредник на забавната и информативната рубрика, која им понуди освежување на новинарите што кампуваа пред седиштето на таблоидот, ја опиша „неверојатно емитовната“ редакција.
Скандалот експлодираше минатата недела откако беше објавено дека „Њус оф д ворлд“ го прислушувал мобилниот телефон на 13-годишна жртва на убиство, Мили Доулер, во 2002 година додека нејзиното семејство и полицијата трагаа по неа. Оперативците на „Њус оф д’ ворлд“, наводно, избришале некои пораки од говорното сандаче на телефонот, давајќи им на родителите на девојчето лажна надеж дека таа се' уште е жива. Тоа предизвика бес кај јавноста многу поголем од каква било друга реакција на упад на медиумите во животите на политичарите и славните личности, што весникот ги има признато и за што има платено компензација на некои од нивните познати жртви, вклучувајќи ја актерката Сиена Милер.
Откритијата дека новинари им плаќале на полицајци за добивање информација само додаде масло во огнот, поттикнувајќи апели за бојкот и предизвикувајќи десетици компании да ги повлечат своите реклами од весникот во услови на страв дека ќе бидат наклеветени за соучесништво.
За некои Затворањето од страна на беше видено како очаен обид од медиумскиот конгломерат да ги сопре негативните последици и со тоа да го спаси договорот вреден 12 милијарди фунти за преземање на сателитскиот емитувач „Бритиш скај броадкастинг“. Но, британските власти сигнализираа дека договорот ќе биде одложен поради кризата, а скандалот продолжи со обелоденувањето на трите апсења поврзани со оваа работа што се случија во петокот.
Енди Колсон, поранешен уредник во „Њус оф д’ворлд“ и поранешен прв човек на комуникациите на премиерот Дејвид Камерон – беше уапсен во петокот, како и Клајв Гудман, поранешен известувач за кралското семејство вработен во „Њус оф д’ворлд“, и еден неидентификуван 63-годишен човек. Оттогаш овие тројца се пуштени на слобода со кауција.
Развојот на настаните ја зголеми температурата во британската медиумска ��ндустрија во услови на зголемени загрижености дека полициската истрага нема да сопре само на „Њус оф д’ворлд“. Тоа, исто така, даде нов поглед на пријатниот однос меѓу британските политичари и моќната империја на Мардок, ставајќи ја компанијата на медиумскиот барон во дефанзива.
Голем број новинари и набљудувачи на медиумите изразија зачуденост од тоа што Ребека Брукс, која беше уредник во „Њус оф д’ворлд“ кога се случија, наводно, некои од прислушувањата, го зачува работното место, додека 200-те вработени во весникот беа отпуштени. Кога во саботата беше прашан дали Брукс продолжува да ја има неговата поддршка, Руперт Мардок едноставно одговори: „Целосно“. „Ние веќе се извинивме“, рече тој. „Бевме изневерени од луѓето. Весникот ги изневери своите читатели“.
Брукс изјави пред законодавците дека „немала никакви сознанија“ за прислушувањето на телефонот на Мили Доулер или за кој било друг случај додека таа била уредник, според писмото објавено во саботата од комисијата при британското Министерство за внатрешни работи. Додека таа беше прикажана како криминалец во откривањето на приказната, Брукс – со силни врски со британската политика и децениско искуство зад себе – инсистираше на тоа дека е вистинската личност што треба да ја предводи „Њус интернешенел“ во време на криза.
Англиската црква се закани дека ќе повлече речиси четири милиони фунти од инвестиции од „Нус корп.“ ако „не ги земе на одговорност повисоките директори... за големиот неуспех на менаџментот во „Њус оф д’ворлд“. Црковната советодавна група за етички инвестиции во саботата соопшти дека напишале писмо до „Њус корп.“, наведувајќи дека затворањето на „Њус оф д’ ворлд“ не е „доволен одговор“ на „крајно достојната за прекор и неетичка“ практика обелоденета во таблоидот.
Додека ги предводеше вработените во „Њус оф д’ворлд“ надвор од зградата кон оние што ги поздравуваа и скандираа Милер, уредникот им оддаде признание за професионализмот на неговиот тим и им се заблагодари на читеталите на таблоидот. „Според најдобрата традиција во британските весници, одиме во паб“, изјави тој пред насобраната толпа народ. (АП)
Скотланд јард призна дека згреши
Лондон - Скотланд јард денеска призна дека полицијата погрешила што не отворила потемелна истрага за прислушувањето на мобилната телефонија од страна на новинари на „Њјуз оф д’ворлд“, прв пат откриено уште во 2006 година.
Заменик-комесарот на Скотланд јард, Џон Јеитс, изрази жалење што не почнала истрагата во почетокот на јануари 2007 година, кога беше осуден приватниот детектив Глен Мелкијар, кој му помагаше на уапсениот и осуден поранешен новинар на неделникот, Клајв Гудман, во ловењето на говорната пошта на мобилните телефони.
Весникот долго време тврдеше дека тоа е изолиран случај, но полицијата сега истражува дури четири илјади случаи на прислушување, дури и на родителите и роднините на убиените војници во Авганистан и Ирак, на жртвите во бомбашкиот напад во Лондон од јули 2005 година, како и на најблиските на жртвите во криминални случаи што предизвикаа големо бранување во јавноста.
Весниците на британската левица, а пред се', „Гардијан“ и „Индепендент“, кои долго време водат „војна“ со Руперт Мардок и со неговата медиумска империја, често пати бараа од Скотланд јард да отворат истрага, особено кога се појавија сведоци што тврдеа дека прислушувањето било добро усогласена техника за добивање ексклузивни сознанија за правење новинарски прилози, но заменик-комесарот Јеитс секогаш тврдеше дека „нема ништо ново за да се отвори полициска истрага“.
Прислушувале и „Сан“ и „Сандеј тајмс“
Лондон- Техниката на прислушување на говорната пошта на мобилните телефони на луѓето заради откривање ексклузивни теми ја користеле и другите изданија на британската компанија „Њуз интернешенел“ на Руперт Мардок, а пред се', таблоидот „Сан“, најтиражен дневен весник во Велика Британија, и неделникот „Сандеј тајмс“, тврдат лондонските медиуми.
Ваквото обвинување се поврзува со повеќето афери што ги открија овие два весника во изминатите години, пред сите други медиуми, но засега не се потврдени, ниту демантирани.
Министерот за енергија, Крис Хјун, од Либералдемократската партија, коалиционен партнер во владата, побара денеска од Мардок да каже дали прислушувањето го применувале и другите весници од неговата компанија. Притисокот ��рз компанијата и врз Мардок е зголемен со решението на француската автомобилска компанија „Рено“ да ги повлече рекламите од сите изданија на „Њуз интернешенел“ додека не се расчисти кризата со прислушувањето, како и со одлуката на повеќе британски хуманитарни организации да ја одбијат понудата на „Њуз оф д’ворлд“ за бесплатна реклама во нивното последно денешно издание. (МИА)
|