Јеремиќ ги обвини големите сили за опструкции
Белград – „САД, Велика Британија и Франција го стопираат барањето на Србија истрагата за трговијата со човечки органи во Косово да се спроведе под мандат на Обединетите нации“, изјави шефот на српската дипломатија, Вук Јеремиќ.
„Нашето барање истражителите во случајот со трговија на органи во Косово и во Албанија работат со мандат и својот извештај да го поднесат на Советот за безбедност на ОН во овој момент, за жал, е запрено од оние што имаат институционален капацитет да го направат тоа во тоа тело“, рече Јеремиќ за денешното издание на „Блиц“, укажувајќи дека се работи за големите сили САД, Велика Британија, Франција...
На прашањето дали со тоа исчезнала и последната шанса да се спроведе независна истрага под покровителство на Советот за безбедност, тој вели: „Разговорите продолжуваат. Би сакал да верувам дека во неделите што се пред нас, сепак, ќе успееме да ја надминеме блокадата и да оствариме напредок. Доколку не се случи тоа, ќе биде тешко да не се помисли дека во случајот со трговија со човекови органи во Косово постои нешто, што од некоја причина никако не смее да ��злезе на светлина на денот“.
Тој уште рече дека би „било неодговорно да се исклучи можноста“ ЕУ како услов за членство да го постави признавањето на Косово.
„Поради тоа, ќе работиме превентивно, мораме да вложуваме максимални дипломатски напори за да се избегне таква ситуација. Признавањето на Косово е услов што не сме подготвени да го исполниме, без оглед на сите можни последици“. (МИА) |