Нападнати полицајци при апсење на осуденик
Семејството Тефикоски од прилепското село Црнилиште доцна во петокот им се заканиле на тројца полицајци, а еден од нив и физички го нападнале додека траела акцијата на прилепската полиција за приведување на Лирим Тефикоски (26). Тој е осуден за тешки кривични дела и подолго време не и' е достапен на полицијата.
Како што соопшти МВР, инцидентот се случил на излезот од Црнилиште кон соседното село Секирци. Лирим, неговиот татко Сабит, сопругата и сестрата со трактор се враќале од нива кога ги пресретнала полицијата со службено возило. Кога ги видел полицајците, Лирим го запрел тракторот и почнал да бега. По него тргнале полицајците, а по нив роднините на Лирим. Таткото кусо време потоа се качил на тракторот и намерно со приколката го турнал полицискиот "голф" во блискиот канал. Потоа ја откачил приколката и продолжил да вози во правец на полицајците.
Додека еден од полицајците се обидувал да го фати Лирим, неговата сопруга Макфире го удрила со камен во пределот на градите. Полицаецот паднал, не можејќи да го приведе, а Лирим избегал.
Но, наспроти полицискиот извештај, семејството Тефикоски има друга приказна. Тие обвинуваат и се жалат дека полицајците во обид да го приведат Лирим, испукале двапати и не само што им се заканувале на женските членови од семејството со пиштоли над главите туку и физички ги нападнале.
„Ако полицијата може, нека го фати брат ми, но што има сега со нашите жени. Тие воопшто не се виновни за ништо, никому ништо лошо не му направиле. Поради ваквиот однос, ќе ја тужиме полицијата, не може така да помине. А брат ми, тој ништо нема направено. Го фатија еднаш кај дрвата и тоа е се'", вели Лулим Тефикоски. Од МВР најавуваат дека ќе бидат поднесени кривични пријави и против Сабит и Макфире Тефикоски. (Мн.Т.) |