Обид за убиство на директорот на „Бисерка“
Директорот на Угостителското претпријатие "Бисерка", Александар Илиевски (38), од Куманово завчера е ранет од страна на непознато лице, кое пукало во него во атарот на кумановското село Лопате. Илиевски е погоден во пределот на десната надлактница, по што веднаш е пренесен во Ургентниот центар во Скопје и се наоѓа надвор од животна опасност.
Александар, познат како Сашо Боксерот, застрелан е во својот автомобил "рено лагуна", на рампата на меѓународната железничка пруга Скопје -Белград. По извршениот увид на самото место од страна на полицијата и истражен судија, утврдено е дека напаѓачот од "калашников" истрелал 12 куршуми во автомобилот.
Автомобилот на Илиевски е изрешетан како на филм. За среќа, директорот на "Бисерка" бил погоден само со еден куршум, и тоа во пределот на десното рамо. Неофицијално, станува збор за лице кое на патот пукало од возило марка "голф". Полицијата работи на расчистување на случајот и на откривање на сторителот на кривичното дело.
Очевидци на инцидентот нема, но рафалот од автоматската пушка прилично ги вознемирил жителите на Лопате. Инаку, повредениот Илиевски е познат и како застапник на скопска Пиварница за Кумановскиот регион. Според полициски извори, тој засега одбива да соработува околу утврдувањето на идентитетот на напаѓачот. Полицијата претпоставува дека станува збор за нерасчистени долгови. (Ст.Б.)
|