Тројното убиство во „Биг фиш“ ќе се суди другпат
Адвокатот на обвинетиот Тони Денкоски поднел жалба на обвинителниот акт
Љубиша Станковиќ
Само што почна, веднаш се одложи првото рочиште во судскиот процес за тројното убиство во рибниот ресторан „Биг фиш“ во скопската населба Аеродром. Обвинетиот Тони Денкоски (47) беше спроведен од затворот во Шуто Оризари, но судот мораше да го одложи рочиштето, затоа што неговиот адвокат Звонко Давидовиќ поднел жалба на обвинението со кое неговиот клиент се товари за три кривични дела убиство и за недозволено изработување, држење или тргување со оружје.
Судењето на Тони Денкоски во преполната судска сала доаѓа два и пол месеца по трагичниот настан кога смртно беа застрелани полицискиот работник Владо Милошев и велешаните Јордан Јорданов - Р’кулот и Влатко Андревски.
Според скопското Јавно обвинителство, нерасчистените должничко-доверителски односи, наводно, биле мотив за убиството. Според обвинението, се' започнало кога Денкоски од својот дом, на улицата „Жегљане“, зел автоматска пушка, што ја замотал во пластична вреќа и со „опел корса“ се упатил кон рибниот ресторан. Влегол во ресторанот и на една од масите ги забележал Милошев, Јорданов и Андревски, кои биле во друштво на една девојка, која сега е сведок во судскиот процес. Денкоски седнал на друга маса, а кога станал, на Јорданов му се обратил со зборовите: „Р’кул, подигни ја главата!“ и стрелал рафално. По злосторството, Денкоски ја фрлил пушката во близина на ресторанот и побегнал со такси-возило. Еден ден подоцна, тој и' се предаде на полицијата, а пред истражниот судија се брани со молчење.
Судијката Љубинка Башевска го презакажа судењето за десетина дена. |