Број 3379  сабота, 11 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Култура

Филмскиот фонд поддржа српски, бугарски и словенечки филм

Со по 80.000 евра Македонија ќе копродуцира во „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ, „Ловец на звуци“ на Петар Одаџиев и „Состојба на шок“ на Андреј Кошак

Сунчица Уневска

Македонија ќе влезе во копродукции со Словенија, Бугарија и Србија. Како што објави директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башевски, на вчерашната прес-конференција, на конкурсот распишан во мај, а посветен на малцински копродукции се пријавиле 13 проекти. Буџетот за овој конкурс изнесувал 260.000 евра и одлуката на Фондот е да се поддржат три филма од нашето соседство со по 80.000 евра. Станува збор за бугарскиот „Ловец на звуци“ на Петар Одаџиев, српскиот „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ и словенечкиот „Состојба на шок“ на Андреј Кошак. Покрај нив, со 20.000 евра на овој конкурс е поддржан и анимираниот филм „Алерик“ на Вук Митевски, кој има обезбедено средства во висина од 80 проценти од филмот од друга земја.

И „Ловец на звуци“ и „Состојба на шок“ тематски се навраќаат на времето на комунизмот. Во „Ловец на звуци“ приказната се врти околу еден музички бенд, кој се обидува да побегне од земјата. А во „Состојба на шок“ Андреј Кошак говори и за времето на комунизмот, но и за сегашноста низ шокот што неговиот протагонист ќе го доживее откако ќе се разбуди од кома, сега во сосем поинаква земја. Македонски продуцент на бугарскиот филм е „Квазар филм“ односно Блаже Дулев, а во словенечкиот филм како копродуцент од македонска страна влезе „Панк филм“ на Дарко Попов. Додека српскиот филм на познатиот режисер Срѓан Драгоевиќ се занимава со темата на хомосексуалноста, а продуцент од наша страна е „Сектор филм“ на Владимир Анастасов. На прашањето зошто токму овие три земји, Башевски рече дека тие претходно вложиле во наши филмови, а дека основниот европски принцип за копродукции е реципроцитетот.

Овие малцински копродукции за кои Фондот од годишниот буџет издвојува 15 до 20 проценти е, всушност, првиот дел од усвоената програма за 2011 година. Како што ни објасни Башевски, за висината на средствата тие се воделе од годинешниот буџет, кој изнесува 110 милиони денари, со оглед на тоа што се' уште не се знае висината на буџетот за следната година. Токму затоа и вака се поделени двата конкурса, кои се одржуваат во мај и во септември. Мајскиот е за малцинските копродукции, додека за националната програма конкурсот ќе се одржи овој месец, за да може кога ќе се одлучува, некаде при крајот на годината, да се знае точната висина на средствата за следната година.

Што се однесува до претходно поддржаните проекти, од кои единствено е готов филмот на Милчо Манчевски „Мајки“, Башевски рече дека до крајот на годината се очекува да бидат готови и филмовите на Владимир Блажевски и на Сашо Павловски. „Панкот не е мртов“ на Блажевски е измонтиран и се очекува да влезе во последната фаза од постпродукцијата. А Павловски работи на монтажа на музиката на неговото дебитантско остварување „Ова не е американски филм“. Башевски најави дека оваа година скринингот за регионалните продукции пред Берлинскиот фестивал ќе се одржи во Македонија, во текот на ноември. Затоа, планот е и овие филмови, како и краткометражните кои беа поддржани оваа година, да бидат до тој период завршени.

Од проектите што беа поддржани подоцна, Башевски рече дека Светозар Ристовски е пред затворање на финансиската конструкција за неговиот нов филм „Мојот брат Лазар“, за кој веќе нашол канадски копродуцент. Дарко Митревски, исто така, се очекува да ја затвори финансиската конструкција до ноември, а филмот на Теона Митевска кој беше пријавен под насловот „Маркет“ се очекува да почне со снимање следната година. Додека филмот на Столе Попов „Приказна за Дивиот Исток“ се' уште бара копродуценти.

На прашањето за роковите, Башевски рече, дека проектите кои биле претходно одобрени потпишувале договор на три години, додека за новите проекти договорите гласат на една година, во текот на која мора да има некаков прогрес и да се најде копродуцент. По таа година, ќе мора да се дава извештај на секои три месеци. Филмот на Столе Попов, кој беше поддржан на првиот конкурс во 2008 година, има рок да ја затвори конструкцијата до средината на следната година. На крајот Башевски додаде, дека поради сите проблеми и одолговлекувања со претходно одобрените проекти, во новите договори ќе стои дека мора да бидат затворени 70 проценти од буџетот на филмот, за да може да се потпише финален договор со Филмскиот фонд.


#
Статијата е прочитана 477 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Култура
Културни политики ќе се разгледуваат во Долна Нормандија
Концерт на Александер Јаковлев во Битола
„Струшка музичка есен“ по 35. пат
Светска премиера на „Мајки“ во Торонто
„Неуспешен лет“ награден со бронза во Швајцарија