Светска премиера на „Мајки“ во Торонто
Четвртиот филм на Милчо Манчевски ќе биде прикажан во програмата „Специјални презентации“ по избор на директорот Пирс Хендлинг
На 35. Интернационалниот филмски фестивал во Торонто на 12 септември македонскиот филм „Мајки“ на Милчо Манчевски ќе ја има својата светска премиера. Филмот е ставен во програмата „��пецијални презентации“ на предлог на директорот на фестивалот, Пирс Хендлинг. Планирано е „Мајки“ да има три проекции, покрај премиерата на 12 септември, тој ќе биде прикажан и на 13 и на 18 септември. Режисерот Манчевски ќе присуствува на фестивалот во Торонто, но овој пат нема да има ниту еден друг претставник од македонската екипа. Во Торонто се очекува да присуствуваат и продуцентката Кристина Калас, како и продукцискиот дизајнер Дејвид Манс.
Како што пренесуваат од продукциската куќа „Банана филм“ новото остварување на Манчевски на фестивалот ќе го претстави директорот Пирс Хендлинг, кој самиот го избрал овој филм „како поради храбрата експериментална синематска структура, така и поради содржината“. Хендлинг го подготвил и текстот во каталогот, во кој пишува: „’Мајки‘ почнува со фикција, и тоа со фабрикување на една лага оди кон обид за фабрикување на еден мит и завршува во потресната сликовност на реалното, каде што никакво фабрикување не е возможно. Под површината на сите епизоди лежи мрежа од детски лаги и предавства, во целина мали, но тие добиваат ужасна сила во финалето, каде што се покажува дека човек кој бил почитуван од заедницата ги измамил сите. Нема лесно читање на ’Мајки‘, туку само потреба од соработување со авторот за да ги откриеме многубројните значења на филмот“.
„Мајки“ е направен во македонско-француско-бугарска копродукција. Овој филм на Манчевски, кој на свој начин се осврнува и на настаните поврзани со кичевскиот новинар Владо Танески, целосно е снимен во Македонија во текот на минатата година на локации во Скопје, Мариово, Кичево, Тетово и Гостивар. Постпродукцијата е завршена ова лето, и тоа во студијата во Париз, Лондон и во Минхен. Главните улоги во филмот ги играат: Ана Стојановска, Димитар Ѓорѓиевски, Владимир Јачев, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Диме Илиев и други, а за првпат се појавуваат и младите Емилија Стојковска и Милијана Богдановска. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажата е на Жаклина Стојчевска, музиката е на Игор Василев - Новоградска, а еден од кастинг директорите е и Маја Младеновска. Дистрибутер на „Мајки“ е „Манаки филм“.
Режисерот Манчевски за својот филм, кој е составен од три дела, вели вака: „’Мајки‘ на оригинален начин испреплетува вистински приказни за едно општество на небрежни и отсутни мајки, каде што децата кои беснеат со кредитни картички, набедуваат невини луѓе, каде што старците умираат сами и заборавени, каде што пензионираните чистачки се жртви на сериски силувања и убиства. Филмот е современа рефлексија на мрачниот свет на Достоевски.“ Додека мотото на неговиот нов филм е: „Вистина, само вистина и речиси ништо освен вистина.“ (С.У.) |