Врнежите од ситен град и пороен дожд кои паднаа во делови од Тиквешкиот регион направија штети на лозовите насади.
„Градоносниот облак го покри реонот на селата Трстеник, Камен Дол и Сирково, каде што штетите се од 10 до 50 отсто“, вели м-р Диме Златев, експерт по заштита на растенијата. Тој објаснува дека во најголем дел од оштетените лозови насади штетите се врз штотуку формираниот грозд, додека лисната маса речиси и да нема траги од ударот на градот. Златев вели дека среќна околност е тоа што градот бил помешан со силен дожд, па и штетите се помали.
Честите слаби дождови и ситниот град можат дополнително да ја искомплицираат здравствената состојба во лозовите насади, велат експертите. Од крајот на мај, заклучно со вчерашниот ден, во Тиквешијата локално се забележани слаби дождови до 6 литри на квадратен метар, со што се создадени идеални услови за развој на пламеница, пепелница и сиво гниење. Се проценува дека лозовите насади во кои навреме е завршено првото и второто редовно прскање имаат стабилна состојба. Стручните лица советуваат второто редовно прскање да се направи најдоцна до 8 јуни. (А.Д.)