МПЦ ќе почека на српските владици
Од разврската на проблемите во српскиот епископат зависи кога ќе се почнат разговорите меѓу двете цркви
Билјана Јовановска
Поради насобраните внатрешни проблеми во Српската православна црква тамошните владици се' уште не знаат кога би можеле да седнат на разговори со духовниците на нашата Црква. Пооптимистичките неофицијални најави од српскиот епископат навестуваат разговори напролет, но дали мразот навистина се топи или на меѓуцрковна средба ќе чекаме уште долго, ќе зависи, пред се', во која насока ќе се движи разврската на проблемите во СПЦ.
��о принудното тргнување од функција на рашко-призренскиот митрополит Артемие, овој проблем многу лесно може да прерасне во раскол. Не случајно, на свечената интронизација на патријархот Иринеј во Пеќ не присуствуваа неколкумина исклучително влијателни епископи, кои ги влечат конците во Соборот поради мнозинството гласови што ги имаат, како што е зворничко-тузланскиот владика Качавенда.
Од друга страна, пак, во Патријаршијата постои и струја која ја протежира тезата дека отвореното прашање со Македонците, мислејќи на Македонската православна црква, не може до бесконечност да се држи нерешено. Застапниците на ова мислење не се толку гласни во епископатот и прашање е колку патријархот Иринеј ќе има слух за да ги слушне.
Белградскиот аналитичар и социологот на религијата, Мирко Ѓорѓевиќ, позитивни навестувања за надминување на тврдокорниот став на СПЦ гледа и во неодамнешната изјава на српскиот поглавар Иринеј, кој му подаде рака на „чесниот албански народ“. Втор позитивен знак, смета, е тоа што патријархот кога говорел за расколниците ја посочил Црногорската православна црква, иако досега одевме во пакет.
Оцена е дека состојбите во црквата на нашиот северен сосед не одат во полза на брзо решавање на македонскиот црковен проблем и оттаму ценат дека Иринеј и не можел да дава пооптимистички изјави во однос на МПЦ. И покрај тоа што на сите им е јасно дека Вранишковски ни оддалеку не е решение на црковниот проблем. Но, сопствените грешки тешко ги признаваат и тоа не е доволно врвот на СПЦ да престане во континуитет да не' упатува на разговори токму со српскиот егзарх Вранишковски.
Во Македонската православна црква не ги коментираат неофицијалните навестувања од Белград, ама потврдуваат дека комуникација меѓу двете соседни цркви никогаш не била на пониско ниво. Во време на патријархот Павле, освен постојаните телефонски разговори со одделни наши митрополити, архиепископот Стефан имал и две средби со поранешниот српски поглавар. Сега, од СПЦ дури и не чувствуваат потреба да одговорат на писмото од Синодот на Македонската православна црква во кое се бара термин за нова средба, на територија што тие ќе ја изберат.
На врвот на СПЦ, очигледно, му гори под нозе и засега приоритет им е да се ослободат од проблемите во сопствениот црковен двор. Како ќе оди разврската, ќе се види веќе во ноември, за кога е закажано редовно заседание на Соборот. За кои теми ќе расправаат, српските владици никогаш не најавуваат, бидејќи дневниот ред секогаш е повод за внатрешни кавги, но спомнувањето на МПЦ, сигурно нема да изостане. Во кој и каков контекст, ќе знаеме по 20 ноември. |