Визите укинати, отворени нови хоризонти
Одлуката треба да важи од 1 јануари. Без визи во ЕУ само со биометриски пасоши
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел – По 17 години изолирани во визно гето македонските граѓани од 1 јануари идната година, конечно, ќе можат да патуваат слободно во земјите на Европската унија. Тоа ќе можат да го направат со новите биометриски пасоши.
Оваа долгоочекувана, може да се каже веќе и позната, вест вчера во Брисел ја соопштија европскиот комесар за правда Жак Баро и комесарот за проширување Оли Рен. Препораката за укинување на визите не се однесува само за Македонија, туку е дел од заедничкиот пакет со Србија и Црна Гора.
Со оваа одлука Балканот, според Рен, ќе се европеизира многу повеќе, но за нас големо значење има и фактот дека македонските граѓани ќе излезат од физичката изолација и првпат од независноста, па и пред тоа, ќе патуваат без виза во Грција.
„Нема веќе редици, нема писма со покани, нема авионски билети, преводи... Граѓаните од трите земји ќе можат да ги посетат семејствата и пријателите, ќе се создадат можности за бизнисмените, за студентите“, порача еврокомесарот Рен, додавајќи дека ова е важен ден за земјите од Западен Балкан, но и за Европа, а според Баро, е историски.
Дијалогот продолжува со Албанија и со БиХ, порачаа тие, додавајќи дека нивна цел е сите земји од регионот да влезат во пакетот за визно укинување, најавувајќи ја идната препорака кон средината на идната година.
„Одлуката ќе им овозможи на граѓаните да патуваат во земјите од шенген зоната со нови биометриски пасоши. Оваа препорака е резултат на интензивната и тешка работа на властите и на луѓето во овие земји во исполнувањето на условите. Им честитам на ова достигнување“, изјави Баро на прес-конференцијата.
За Рен одлуката е пресвртна точка во политиката на ЕУ за интеграција на Западниот Балкан, но остана нејасно дали Брисел ја забрзува евроинтеграцијата на регионот или, пак, сака прво да го европеизира, па потоа да му даде шанса да оди напред.
Како ќе патуваат македонските граѓани во Грција, беше тема која остана неодговорена, бидејќи Рен инсистираше на тоа дека сите земји-членки застанале зад укинувањето на визите и се свесни дека зад одлуката стои стриктно исполнување на условите.
Албанците од Македонија и во Јужна Србија од 1 јануари ќе бидат единствени во регионот, кои ќе можат да патуваат во Европа без виза. Ним и на Македонците тоа треба да им биде некаква сатисфакција, по дебаклот од Букурешт, кога Македонија заостана зад регионот во евроинтеграцијата и имаше најави за дестабилизација.
Баро и Рен не сакаа да даваат прогнози колку граѓани на Балканот ќе го искористат безвизниот режим за да имигрираат во ЕУ, задржувајќи се само на користа од идните засилени контакти.
Зошто Србија се најде на белата шенген листа, која се' уште не ги исполнува услови, а надвор од неа е БиХ, беше најжешкото прашање за Рен и за Баро, кои вчера се соочија со лавина реакции и од Европскиот парламент. Или, како што беше погрубо кажано од босански новинар, зошто босанските Муслимани од 1 јануари ќе останат во гето, а Ратко Младиќ слободно ќе шета низ Европа? „Властите во БиХ не работеа сериозно на биометриските пасоши, кои се неопходни за визната либерализација. Губеа време на националистичка реторика наместо да работат во интерес на граѓаните. Затоа не мислам дека овие четири месеци одложување се толку драматични за БиХ“, рече Рен. Баро дополни дека без биометриски пасоши, кои ниту почнале да се издаваат во БиХ, немало шанси оваа земја да помине кај земјите-членки. Како дополнителен аргумент тие спомнаа оти Србија досега издала 800.000 пасоши (Белград одреди рок до крајот на годинава да ги смени сите пасоши со биометриски), дека тамошните власти прифатиле да ги издвојат пасошите на косовските Срби од тие што ќе добијат визно олеснување и оти во БиХ само околу две илјади Срби имаат српско државјанство, па не држат обвинувањата за етничка поделба на БиХ.
„Условите беа исти за сите земји, па сега не можеме да ги казниме другите поради бавното исполнување на условите во Албанија и во БиХ“, порачаа Рен и Баро. Тие, исто така, најавија дека Косово не е заборавено, но оти се неопходни уште технички услови за воопшто да почнат преговорите за укинување на визите. Очигледно биометриските пасоши се најсилното алиби на Брисел за разочараните, но и најсилен аргумент пред европските граѓани, особено во земјите-членки, кои и самите немаат вакви софистицирани патни документи.
Од ЕК објаснија дека граѓаните што ќе патуваат со стари патни исправи ќе мора да поседуваат визи, па од тој аспект лесно е да им порачаат на Албанците и на Босанците дека без таков документ илузија е да бараат препорака за безвизен режим. |