Македонски уметници на изложба во Берлин
Денеска во проект-галеријата „Прима центер Берлин“, ќе биде отворена групна изложба „Артопхилиа“, на македонските уметници: Никола Гроздановски, Кокан Грчев, Игор Трпчески и Киро Урдин, кои во оваа прилика се најавени како автори што покрај ликовното творештво и активност, имаат и друга професија во која успешно делуваат.
Никола Гроздановски живее во Загреб, работи како лекар, а се претставува со акварели, мотиви на стари селски куќи. Професорот по архитектура во Скопје, Кокан Грчев ќе се претстави со дигитализирани дела изведени од неговите цртежи, актови, додека актерот Игор Трпчески кој живее и работи во тетарот во Прилеп, со својот фотографски проект „Почитувај ја уметноста“ ќе апелира на заштита на скулптурите.
Киро Урдин, интернационално реномираниот македонски сликар ќе се претстави со својот последен документарен филм „Оган и Вода“, награден на филмскиот фестивал во Сараево во 2008 година, во категоријата на еколошки филмови.
Изложбата „Артопхилија” ја финансира Министерство за култура, а нејзин иницијатор е македонскиот уметник Јован Балов, водител на Прима Центер Берлин. (К.Б.) |