Број 2923  петок, 27 февруари 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Лавина реакции по успехот на филмот „Милионер-бездомник“

Салман Ружди се приклучи на изјавите, велејќи дека филмот визуелно е брилијантен, но дека не е веродостоен

Сунчица Уневска

Успехот на филмот „Милионер-бездомник“ и освојувањето осум „оскари“ колку што му направија добро на филмот на Дени Бојл, со оглед на тоа што сега сите сакаат да го видат, толку предизвикаа и огромни реакции и анализи за „контроверзноста“ на неговата содржина. Факт е дека сето тоа му оди во прилог на овој филм, кој зборува за т.н. сламови, односно најсиромашни квартови во Индија, но интересно е дека сето ова немаше да поприми такви размери ако филмот не оствареше ваков успех. Впрочем, станува збор за филм кој чинеше 15 милиони долари и сигурно дека не беше претенциозен и немаше никакви малициозни намери кои сега му се припишуваат. Намерата, а и умешноста на Дени Бојл се големи, бидејќи тој успева да ги спои реалноста и фикцијата на таков начин, да направи забавен филм, а сепак без осуда или критика да ја долови и реалната состојба во оваа земја. Она што најмногу му успеа и ги плени сите е приказната. Дени Бојл успева да ја искористи симпатичната сторија за успехот, која по правило успева, особено ако со неа се исправа некаква неправда. А, згора на тоа тој прави љубовен филм, кој низ својата едноставност, сепак, успева да допре многу подлабоко. Тоа и му ги донесе сите овие признанија. Но, потоа работите отидоа во друг правец.

А, во почетокот Дени Бојл воопшто и не сакал да работи на овој филм, кој е направен според многу успешниот дебитантски роман на индискиот писател Викас Сваруп „Прашања и одговори“, кој бил преведен на 40 јазици. Причината зошто Бојл прифатил да работи на овој филм, всушност, е сценаристот Сајмон Бофои, кој го напиша сценариото за „Фул монти“. На Бофои оваа приказна за бездомникот кој ќе стане милионер, а која е раскажана низ квиз прашања му се допаднала многу иако, како што вели, имал голем проблем да ја претвори во филм, бидејќи станува збор за 12 кратки приказни во кои немало многу раскажување. Во текот на подготовката на сценариото, Бофои три пати патувал во Индија за да ги интервјуира децата на самото место. Подоцна изјави дека сакал да ја пренесе смислата на огромното количество хумор, смеа, шеги и чувство за дружење од најсиромашните делови.

Интересно е дека во почетокот Бојл сакал да ангажира британски деца, но сфатиле дека, сепак, тоа би било нешто друго. Подоцна, кастинг-директорот заминал да ги бара во самите сламови, што се покажа одлично, бидејќи никој друг не може да го прикаже тој очај со такво количество ведрина со каква што живеат луѓето таму. Неколку од децата буквално се земени од улиците и тие навистина се играат самите себе. За трите главни лика на Џамал Малик, на неговиот брат Салим и на Латика се ангажирани дури девет деца, кои ги играат на три различни возрасти. Ајуш Махеш Кедерак, кој го игра малиот Џамал, доаѓа од поинакви услови за живеење, неговата мајка е професорка во средно училиште, а татко му работи како инженер на бомбајското пристаниште. Ајуш глуми од своите 4 години. Додека децата кои ги играат Салим и Латика, Азарудин Мохамед Исмаил и Рубијана Али, живееле во сламовите во ужасни услови. Дури за време на снимањето на филмот градските власти дошле и ја урнале трошната куќа во која Исмаил живеел со својот татко болен од туберкулоза. Кога дошла екипата на снимање, го нашла Исмаил како спие на покривот на еден автомобил. Дени Бојл и продуцентот Кристијан Колсон веќе основале фондови за да можат да го платат образованието на овие две деца и тие првпат биле запишани на училиште. Сега и градските власти се заинтересираа за овие деца да се удомат, иако веќе претходно Бојл и Колсон рекоа дека ќе обезбедат градежен материјал за да се направат вистински домови за овие две деца.

Но, успехот и премиерата на филмот во Индија, а и во другите земји предизвикаа многу контроверзии. Медиумите во Индија пишуваа дека филмот бил воајеристичка порнографија на сиромаштијата. Бојл беше обвинуван за романтизирање на крајно сиромашните предградија, бедните куќарки, проституцијата и криминалот како индиска егзотика. Работите отидоа дотаму што се разви дебата дали таквите филмови ги засилуваат западњачките стереотипи за земјата. Околу 40 луѓе отидоа во тивок протест пред куќата на боливудската ѕвезда Анил Капур (кој го игра во филмот водителот на квизот Прем Кумар), велејќи дека насловот на филмот е понижувачки и ги навредува луѓето од тие области.

Бојл изјавуваше дека негова цел била да ја долови страста на Мумбаи за животот. Има и многу Индијци кои го бранеа филмот и кои се горди на неговиот успех, велејќи дека тоа што може тој да го направи не може никаква политика. Преносот на „оскарите“ беше следен со еуфорија. Како што пренесуваа медиумите, во сиромашните предградија луѓето се туркале пред телевизорите за да ги видат Исмаил и Рубијана на црвениот килим. Актерот Ирфан Кан, кој го игра полицискиот инспектор во филмот, порачуваше дека контроверзиите околу овој филм не се добри за Индија, дека тоа создава погрешна атмосфера и дека таквите реакции можат да ги одбијат странските филмаџии од Индија.

Сега се огласија сите со свои тези, дека Дени Бојл отишол во Индија и се однесувал како колонизатор, дека овој филм може да го ревитализира британскиот филм, дека Бојл направил добар филм, ама не е чесен. Навистина е неверојатно до каде може да се оди. Се јавија и многу познати личности со своите мислења за филмот, меѓу кои и Салман Ружди. Тој изјавува дека не е фан на филмот, дека тој е визуелно брилијантен, но дека има проблем со приказната, за која вели дека е неубедлива. „Не сум против магичен реализам, но би морало да има некое ниво на веродостојност“, изјави тој.

Ние би се запрашале што може подобро да направи еден филм од тоа да се зборува за состојбата во Индија и сите да станат свесни за тоа како живеат луѓето во тие ужасни и огромни сламови. Се вели дека над 60 милиони Индијци живеат во такви услови. Освен тоа, школувањето и удомувањето макар и на две деца од тие сламови е голема работа. Факт е дека филмот иницира некои работи, што е фантастично. Така, на пример, и актерот Анил Капур го донираше својот хонорар за „План Индија“ - детска невладина организација во Делхи, чија задача е да се спречи злоупотребата на деца и да им се овозможи образование и рехабилитација на жртвите на системот.

А, и зошто, впрочем, не би функционирала приказната за тројцата мускетари или алузијата на Оливер Твист, на кои се потпира сценаристот во градењето на филмската приказна, и во Индија. Факт е дека апсурдите најдобро се гледаат токму низ ваквите фикции. Дени Бојл беше сосем свесен за сето тоа и на одличен начин ги доловува сите контрасти и апсурди во филмот. Тој дури беше и незадоволен од маркетиншката кампања, која објави постери и фотографии со двете деца кои еуфорично се смеат, а над нив паѓаат конфети. Тој посочи дека тоа, сепак, не ја одразува приказната во филмот. Дека „Милионер-бездомник“ не може да се рекламира како „Мама миа“, дека тоа, сепак, е филм за сиромаштијата, за убивањето и искористувањето на децата.

Едно е сигурно. „Милионер бездомник“ е одличен филм, непретенциозен, мал, но силен, филм кој на најдобар можен начин зборува за животот, низ љубовта и низ сонот. Затоа и толку успеа. Затоа и предизвика толку реакции, бидејќи тој спој е дотолку поконтроверзен колку што повеќе ја допира целта. А, филмот на Бојл очигледно го направи тоа и целосно си го заслужи успехот. Сите други придобивки се само бонус, кој колку некој и да не сака да признае, зборува за неговата моќ да проговори за нешто што многумина се' уште сакаат да го сметаат за табу-тема. Но, животот во сламовите не е табу-тема, туку, за жал, најстрашна реалност.


Статијата е прочитана 4611 пати.

Испрати коментар

Од: Marija .
Датум: 27.02.2009 08:34:46
Odlicen film,zasluzeno nagraden.
Од: JAS
Датум: 27.02.2009 10:55:42
Filmot e odlicen,i za zal navistina ja pretstavuva faktickata situacija vo indija, za toa deka ne se bira nacin kako da se dojde do pari.kradenje deca,nivno prostituiranje i oslepuvanje za da mozat da prosat...katastrofa.Ova go tvrdam zatoa sto sum svedok na takvite slucuvanje posle odreden vremenski period pominat tamu.bravo za decata fantasticni se vo filmot

Најди! во Утрински
Култура
Годишно собрание на ИКОМОС
Изложба „Гол ручек“ во „Галерија 7“
Македонски уметници на изложба во Берлин
„Хари Потер и полукрвниот Принц“ во претпродажба
Битолските ликовни уметници изложуваат во Скопје
„Друга страна“ - трета премиера на Малиот драмски театар