На Брегалница ќе се градат петнаесет брани
Инвестиции за регулација, наводнување, но и за водоснабдување
Иван Бојаџиски
ШТИП - На Брегалница, најголемата река во источна Македонија, ќе се градат петнаесет гумени брани. Вакви капацитети, кои треба да помогнат во подобрување на социоекономските прилики во најсиромашниот и најнеразвиен регион во државава, ќе се градат во сите општини низ кои протекува Брегалница, односно од Берово се' до штипско Ново Село. Договор за една од најголемите инвестиции во регионот постигнаа градоначалниците од единаесет општини, а изработката на проектот е доверена на „Урбан рурален консалтинг“ од Скопје.
На вчерашната прес-конференција штипскиот градоначалник Зоран Алексов информира дека по течението на реката, во атарот на општината Штип во наредните три години ќе бидат изградени две од петте планирани гумени брани.
„Прво ќе ја градиме браната во непосредната близина на автобуската станица покрај населбата 8 Ноември. Таа ќе биде висока два метра, а водното огледало ќе се протега во должина од еден километар. Браната ќе служи за рекреација, покрај неа ќе се изградат кејови, шеталишта, плажи, трим-патеки. Втората брана која има приоритет ќе биде изградена во новоселската клисура, на излезот од Штип кон Радовиш“, потенцира градоначалникот Алексов.
Претседателот на Советот на регионот и градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, вели дека браните ќе бидат повеќенаменски. „Ќе послужат за регулација на речното корито, бидејќи при големи врнежи водата знаела да излезе од своето корито и да направи штети. Во одделни, посебно земјоделски општини браните ќе послужат и за наводнување на нивите, а во други и за водоснабдување“, нагласува Димитровски.
Штипскиот градоначалник вели дека за овој капитален проект регионот ја имал првичната поддршка на Владата, која издвоила средства за изработка на студијата за можностите на реката Брегалница. „Очекуваме финансиска поддршка и во изградбата на браните, бидејќи како општини самите немаме финансиска моќ. Токму поради фактот дека нашиот регион е најнеразвиен, финалниот концепт ќе оди пред националниот совет за рамномерен економски развој. Очекуваме целосна поддршка од ова тело што ќе даде нов импулс и во економскиот развој на источниот плански регион“, вели Алексов.
Според експертите, низ Брегалница годишно неконтролирано протекуваат 200 милиони кубни метри вода плус сто милиони кубни метри кои се акумулираат во „Калиманци“, едно од најголемите вештачки езера во државава. Првичните пресметки се дека изградбата на една гумена брана, без уредување на нејзината околина, ќе чини околу 400.000 евра.
Општините во регионот се со скромни буџети, доволни само за исплата на платите на вработените, но не и за какво било инвестирање во развојот. Од тој аспект, штипскиот градоначалник е со став дека овој проект има големи шанси на успех со влог по принципот на јавно-приватно партнерство.
„Уредувањето на просторот ќе биде доверено на заинтересирани бизнисмени кои покрај браните ќе можат да изградат мали угостителски објекти, спортски терени, трим-патеки, и други содржини за спорт и рекреација. Терените се исклучително примамливи и очекуваме заинтересирани“, оптимисти е Алексов. |