Античките гробници во Пелагонија - депонии
Не е познат бројот на македонски аристократски гробници, а досега се откриени триесетина
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Пелагонискиот регион е единствен во државава каде што може да се сретнат антички гробници во кои со посебни ритуали се погребувале богатите граѓани. Иако точниот број на македонски аристократски гробници не е познат, досега се откриени триесетина. Но, ниту една од нив не е заштитена. Напротив, гробниците се претворени во диви депонии. Освен археолозите, малкумина знаат дека овие објекти се дел од нашето културно наследство што треба да го негуваме.
По реакции на поединци да се преземат мерки за заштита на овие гробници што треба да се презентираат како дел од нашата туристичка понуда, прилепскиот Завод и Музеј најави проект со кој идната година ќе конкурира во Министерството за култура.
„Од околу 30 гробници, открив четири антички гробници. И тоа, визбата кај рудникот Кукул над Вештачкото Езеро, самоуништената гробница ‘Мечкина Дупка‘ во подножјето на Маркови Кули и две на локалитетот Марков Чардак кај Бело Поле. Овие гробници се дел од нашето културно наследство. Не треба некоја голема инвестиција за да се заштитат“, оценува Тренчо Димитриоски, прилепски новинар и публицист, кој ја продолжува својата истражувачка мисија.
Тој посочува на структурата на античките гробници, кои откриваат цела церемонија на погребување. Гробниците имаат посебна градба. „Во карпите се вдлабени ходници, преткомори и главни комори за погреби на покојните, потоа јами како саркофази и остави каде што се чувале прилозите за мртвите што биле кремирани. Античките, кои се познати и како македонски или аристократски гробници, се типични за овој дел на Македонија. Тие се доказ за постоењето култура на погребување во античко време“, потенцира Димитриоски.
Наспроти нечистотијата што се собира во овие културни споменици, голема е опасноста дел од нив да бидат целосно уништени. На локалитетот Крклари во подножјето на Маркови Кули има 5-6 гробници, кои пропаѓаат од ерозија.
„Како објекти се атрактивни и за науката, и за јавноста, но и за туристичка посета - да го покажеме и да го презентираме нашето културно наследство, дел од она што се случувало пред векови“, вели новинарот Димитриоски.
Овчарите што ги пасат своите стада, но и жителите на блиските села потврдуваат дека група луѓе доаѓаат и со механизација копаат во гробниците.
„Не знаеме зошто копаат. Можеби бараат злато. Но, се плашиме да гледаме што прават, па им се тргаме од патот“, коментираат жителите што забележале диви копачи.
И стручњаците од прилепскиот Завод и Музеј потврдуваат дека античките гробници се честа цел на диви копачи. „Античките гробници се интерес на поголеми играчи, кои нелегално бараат културно наследство. Тешката механизација оштети некои гробници во атарот на Горно Село“, потврди Душко Темелкоски, виш кустос, археолог во прилепскиот Музеј. Тој најави дека оваа институција подготвува проект за доистражување и заштита на гробниците, кој следната година ќе биде доставен до надлежното Министерство.
„Програмата за доистражување подразбира чистење и средување на внатрешноста од гробниците, но и на околината. Заштитата е во заградување на овие локации. Ако не друго, барем во карпите да се вгради плоча на која ќе стојат елементарните информации за каков споменик на културата станува збор, од кога датира. Сега се' останува на совеста на граѓаните“, додава Темелкоски.
Според негова оцена, македонските антички гробници би биле атракција за туристите и затоа треба да бидат задолжителни елементи на туристичката мапа за Прилеп и пошироко за Пелагонија.
Вакви аристократски гробници има уште во атарот на Горно Село, Дупјачани и околу Златоврв, во близина на античката населба Колобајс. Како најрепрезентативни се издвојуваат: гробницата кај локалитетот Дибек, кај Суводол и гробницата „Разбојна дупка“ кај Алданци.
Археолозите тврдат дека аристократски гробници, но со различна градба имало и на југ од Македонија, во Тракија и во Грција. |