Град го столчи пиперот во Староец
ПРИЛЕП - Столчени до земјата се над 100 хектари со житни и со градинарски култури во атарот на кичевското село Староец при завчерашното невреме. Жителите се исплашени за својата егзистенција, велат дека живеат само од земјоделство. Од околу 300 жители само десетмина се вработени, а другите се мачат на нивите. Некои се жалат дека им е уништен половина род, а други тврдат дека ништо не останало, освен корењата.
„Синот и снаата се невработени, а сопругот ми е болен. Се мачевме, ги посадивме бавчите, сега се' е уништено, ништо не остана, а само на нивите им робуваме“, вели Крста Павлоска.
Жителите на Староец реагираат зашто без нивно знаење пред неколку години од соседното село Карбница бил повлечен противградобијниот систем. Од тогаш, велат, градот ги остава без пари, само маката и трудот им останува на нивите.
„Пред неколку години ги повлекоа топовите, а секогаш оттука се испукуваа градобијни ракети. Кој и зошто ги повлече не знаеме, затоа бараме враќање на овој систем“, тврди Златко Таневски. (Мн.Т.) |