По аферата со поткуп, Екологија само електронски ќе издава дозволи
Министерот Неџат Јакупи вели дека не знаел за криминалот на шефот на кабинетот
Горан Адамовски
Во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) се подготвени да му кажат збогум на рачното предавање на барањата за дозволи и решенија. Ќе се воведе нов метод, со кој сите „потреби“ ќе се испраќаат преку електронски пат. Со тоа се намалуваат шансите за барање и за примање поткуп. Ова вчера во изјава за „Утрински весник“ го најави министерот Неџат Јакупи.
„Барањата за разни дозволи и решенија нема веќе да одат на хартија, туку електронски“, вели министерот Јакупи.
Оваа новина се совпаѓа со притворањето на шефот на кабинетот на министерот, како и на уште еден вработен во Министерството, поради барање поткуп од 1.200 евра за да му средат на кумановски бизнисмен да добие дозвола за неговата фирма да увезува употребувани надворешни гуми. Министерот тврди дека немал сознанија оти некој од неговите блиски ја злоупотребува функцијата.
„Откако сум на чело на Министерството никогаш не сме имале проблеми, ниту имало сомневања за такви дејства“, вели Јакупи. Според него, во Министерството се работи транспарентно и сите одговори се издаваат во законски рок. Министерот ги негира и шпекулациите во јавноста дека притворениот шеф на кабинет земал месечна плата повеќе од 4.000 евра.
„Тоа е апсолутно неточно. Не постои законска мерка со која некому би му се напумпала толкава плата“, дециден е Јакупи.
Како што објавивме, Валдрим Асани (26) од Тетово, кој е шеф на кабинетот на министерот Јакупи, и Исен Рамадани (28) од Скопје, кој бил вработен како советник во Управата за животна средина, се притворени, затоа што од кумановец барале поткуп за да му средат документи со кои неговата фирма ќе може да увезува употребувани надворешни гуми. Според полицијата, тоа започнало во април годинава кога фирма од Куманово го доставила барањето до Министерството за екологија, а откако и по три месеци немало одговор, сопственикот побарал средба со министерот. Се сретнал со шефот на кабинетот, кој побарал 1.200 евра за дозволата, ветувајќи му дека решението веднаш ќе биде потпишано од министерот.
Министерот Јакупи негира и дека во Министерството работат стотици луѓе и тоа со договор на дело, што е незаконски. Како што вели, во МЖСПП работат дваесетина лица со договор на дело, а има привремено вработени лица, кои работат на разни проекти. |