Број 3038  петок, 17 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Политика

Општинските обврзници се меч со две сечила

Голема можност за финансирање, но и ризик да се потоне во долгови, оценуваат градоначалниците

Катица Чангова

Магистрали со крпеници и дупки, раскопани регионални патишта, пропаднати градски булевари... Ова е тажната инфраструктурна слика во државата каде што се' изгледа исто како што беше пред три децении. Загрижувачка е состојбата во запуштените општини, но не е ни малку подобра и во градовите, дури и во Скопје.

Наспроти кампањските изборни ветувања за ренесанса на пропаднатата инфраструктура, на терен ништо ново. Лопатите на Никола Груевски за многу објекти се' уште се во свежо сеќавање, но од темели нема ниту трага. Државата е во криза, тешко го полни буџетот, се крпи со обврзници и со кредити за да и' исплати плати на големата административна армија. Иста слика и во општините. Локалните власти немаат пари, општинските буџети стануваат се' потенки, приходите секнуваат и тешко се наплатуваат.

И наместо да бараат поинакви излези, општинските татковци, припадници на портокаловата власт, промовираа идеја за издавање обврзници, што е слична на онаа која ја практикува централната власт. Градоначалниците, без оглед на партиската припадност, се согласуваат дека обврзниците се голема можност за финансирање на капитални инвестиции. Но, оние од опозицијата и експерти за фискална децентрализација нагласуваат дека овој вид задолжување е меч со две сечила, голем ризик да се заглави и да се потоне во долгови.

„Идејата за обврзници се' уште се анализира. Тоа е добра можност за подигнување на фискалниот капацитет на општините. Без оглед на финансиската криза, секоја општина, помала, поголема, сиромашна или богата, треба да ја процени својата финансиска моќ и да процени дали може да емитува обврзници“.

Ова е советот на гр��доначалникот на Скопје, Коце Трајановски, упатен до неговите колеги по функција. Тој изјави дека градот, како посебна единица на локалната власт, го мери кредитниот рејтинг и сериозно размислува за издавање обврзници. Првенствено за капитални проекти од сообраќајот. „Изградбата на булевари во главниот град би била од примарно значење“, вели Трајановски.

Градоначалникот на Струмица тврди дека обврзниците се најлошиот начин за задолжување во време на криза. „Ние сме во рецесија. Издавањето општинска обврзница ќе биде дополнителна стега за стопанството“, смета Зоран Заев. Според него, со обврзница општината може да се задолжува во друго време, во прогрес и просперитет, во подобри времиња, а не во криза кога не се знае колку долго таа ќе трае.

„Луѓето немаат пари. А сега нема ниту кредити. Како во ваква ситуација да се размислува за задолжување? Обврзниците значат задолжување од банка или од лица со слободни пари. Мора да се биде реален. Локалната администрација е сервис на граѓаните. Ние треба да им помагаме на граѓаните, а не да им одмогнуваме“, коментира Заев.

„В ред е општината да се задолжи за капитален проект, но не за плати и за непродуктивни трошоци. Доколку се земаат свежи пари од странство, фондации, банки, тие би биле придонес за општата ликвидност во државата“, смета градоначалникот на Струмица.

Општина Струмица размислува за задолжување. Како урбанистичка општина имала понуди од 15 меѓународни институции со поволни кредити за јавни проекти. „Јас би му предложил на Советот на Општината да се задолжиме кога ќе видам зрак светлина во кризата. Инаку ќе заглавиме. Во проектите кои сакаме да ги реализираме на ваков начин спаѓаат загревањето на училиштата и на градинките, со што би заштедиле 30 милиони денари, превозот на учениците, потоа замената на уличните светилки, изградбата на нов плоштад“.

Првите луѓе на помалите општини имаат голема резерва за идејата. Тие велат дека ова е преголем залак за општините.

Градоначалникот на Босилово смета дека задолжувањето е сериозно прашање и оти тука не смеат да се прават избрзани чекори. „Засега тоа е само идеја. Стручни тимови треба добро да проанализираат што добиваме, а што губиме“, изјави градоначалникот на Босилово, Љупчо Колев. Босилово, како рурална општина, има проблем и со кадровскиот потенцијал, така што за задолжување допрва треба да обезбеди стручни лица во општинската администрација.

„Најголем проблем во Босилово е инфраструктурата, локалните и регионалните патишта. Потоа водоснабдувањето, кое е обезбедено за само 70 проценти од населението, проблем се отпадните води, цврстиот отпад“, додава Колев.

И првиот човек на Конче вели дека идејата е добра, но засега може само да се размислува. Реализацијата може да биде за една или за две години. „За се' е потребна подготовка. Ништо не се прави преку ноќ“, нагласува Стојан Лазарев, според кого, локалниот економски развој е на маргините и досега не профункционирал. Кога ќе дојде поволно време, најверојатно Општина Конче ќе се задолжи за проекти што значат искористување на обновливата енергија.

Локалната инфраструктура може да се подобри со емитување обврзници, смета експертот за фискална децентрализација, Хорхе Мартинез Васкез, од Универзитетот за политики во Џорџија, САД, кој неодамна престојуваше во земјава, преку Програмата на Обединетите нации за развој, УНДП. Според негово мислење, овој систем може да профункционира во Македонија, но и во тоа ќе има асиметрија.

„Општините со капацитети ќе се задолжуваат, а другите ќе чекаат. За сиромашните ќе мора да има фонд за капитални инвестиции. Ќе им помага да ги покриваат инвестиционите потреби. Но, истовремено треба да има фондови, кои ќе ги таргетираат и развиените. Во секој случај мора да се биде внимателен со задолжувањето, бидејќи тоа е меч со две сечила. Може да биде добро, но може да направи и голема штета, генерирајќи неодговорност“, нагласува Васкез.

На пример, додава тој, некој градоначалник ќе сака да се задолжи за да изгради некој објект. „За да го реализира тоа ќе земе кредит или ќе издаде обврзница. Тоа ќе биде популарен градоначалник, кој ќе каже дека направил нешто големо без да ги оданочи граѓаните. Но, некој нареден градоначалник тоа ќе мора да го враќа. За да не се случи тоа државата мора да има регулатива со строги и прецизни ограничувања. Доколку нештата излезат од контрола, без оглед дали е во прашање општина, регион или провинција, може да настане катастрофа и да се наруши целиот систем во државата“, предупредува експертот за децентрализација.


Статијата е прочитана 222 пати.

Испрати коментар

Од: mitko budjet i trezor majstor
Датум: 17.07.2009 01:34:13
Lele kolku se glupavi ovie od VMRO, nisto be ne znaat. Tokmu li ste be da davate na opstini da izdavaat svoi obvrznici, cela zemja ke ja unistite be kreteni? Ne se pravi toa taka. Sto mislite deka ke se sluci? Vo sekoja opstina ke se javat lokalni ajvani (kako sto ste vie) i ke pocnat nenormalno da trosat i da se zadolzuvaat. Prvite godini ke ima sadenje drvca, gradenje crkvi i djamii i spomenici a potoa ke pocnat da priznavaat deka gi bankrotirale budjetite (na sto ve potseka ova a?). I sto ke bide krajniot rezultat? Opstinarite ke se obratat na Republickiot Budjet da im gi resi problemite, i koga toj ke pocne da gi odbiva najverojatno ke prodolzat so nacionalisticki pritisoci (na Sutka ne i se davaat pari, Cegrane e obespraveno zaradi mnozinskoto naselenie i sl.) Nemojte da odite po toj pat ke ja unistite drzavata!

Најди! во Утрински
Политика
Државата на суд во Стразбур ако не изгради теќе на скопскиот плоштад
Иванов- Сите се заслужни за укинувањето на визите
По аферата со поткуп, Екологија само електронски ќе издава дозволи
ЕУ и Ем-Ти-Ви со кампања за климатските промени