„СП планет“ во Ѓорче Петров ги отвори вратите за граѓаните
Објектот вреден девет милиони евра е сопственост на „Скопски пазар“
Сања Наумовска
Деловно-трговскиот центар „СП планет“ на „Скопски пазар“ во Ѓорче Петров вчера ги отвори вратите за посетителите. Објектот вреден 9 милиони евра вчера свечено го предадоа во употреба директорот на „Скопски пазар“ Сашо Давитковски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Сокол Митровски.
Модерниот објект, кој се градеше во текот на изминатите две години, се простира на површина од 8.843 квадратни метри на четири ката, а располага со 105 места за паркирање. Центарот, кој ќе биде во функција на жителите на општината Ѓорче Петров, но и пошироко, има голем „СП маркет“, парфимерија „Јуник“, продажен салон на „Техномаркет“, како и експозитура на Комерцијална банка. Дел од просторот ќе биде наменет за забава на децата и во него ќе има забавно катче „Суперкидс“ и игротека „Дримленд“. Во деловниот дел на објектот ќе бидат сместени и канцеларии на Скопски пазар.
„’СП планет‘ е една од најголемите инвестиции на ’Скопски пазар‘. Би сакал да нагласам дека нашата идеја не беше да направиме уште еден трговски центар, туку функционална целина со содржини кои целосно се приспособени на потребите на сите членови на едно современо семејство. Супермаркет, банка, игротека, продавници од секаков вид, угостителски локали, паркинг и се' што е потребно за побрзо и поефикасно да ги извршуваат своите секојдневни обврски“, рече Сашо Давитковски, претседател на УО на „Скопски пазар“.
Тој нагласи дека инвестицијата е потврда за перспективите за развој на Општина Ѓорче Петров, а ќе значи најмалку 150 нови вработувања и значителен поттик за локалниот економски развој.
Посакувајќи успешна работа на новиот центар, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, истакна дека тој секогаш е отворен за нови и квалитетни идеи, но оти е најсреќен кога тие ќе бидат реализирани.
„Овој објект на ’Скопски пазар‘ претставува украс на самиот влез на нашата општина, со кој се гордеат не само сопствениците, туку и граѓаните на општината. Новиот објект изграден на просторот на старото пазарче во Ѓорче Петров во иднина ќе стане препознатлив дел од нашата општина во кој граѓаните ќе можат во убав амбиент да ги завршат сите свои секојдневни потреби“, потенцираше градоначалникот Митревски.
На сопствениците на „СП планет“ отворањето на објектот им го честиташе и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој истакна дека во услови на секојдневни информации за криза и рецесија, за реализацијата на овој проект, покрај посветеност и успешност, потребно е и многу храброст. |