Број 2865  четврток, 18 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Скопје

Уставниот суд со „Малиот ринг“ ќе пресудува и за себе

Позитивно мислење или само мислење од Градот Скопје - дилемата треба да ја разрешат судиите за „Малиот ринг“

Гордана Дувњак

Изградбата на нова зграда за седиште на Уставниот суд е одложена на неопределено време поради противењето на скопскиот градоначалник Трифун Костовски да се направи пресметка за комуналии, се' додека не се разреши спорот со „Малиот ринг“ во Скопје.

Дилемата треба да ја разреши никој друг, туку самиот Уставен суд кој со години е потстанар во зградата на Синдикатот, каде што држи два ката. Од уставните судии се очекува, конечно, да пресечат околу тоа дали се законити измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Општина Центар, со кои покрај изградбата на нова црква во епицентарот на Скопје, на плоштадот „Македонија“, се предвидува изградба и на многу други објекти, меѓу кои и на новата зграда на Уставниот суд.

Мала е веројатноста одлуката да се донесе до истекот на оваа година, бидејќи Судот и градските власти се' уште се во преписка околу доставување на некои дополнителни информации. Според информациите од Уставниот суд, последната ургенција датира од 28 ноември, кога е побарано да се прецизира кој надлежен орган постапувал во оценувањето дали Деталниот урбанистички план е во согласност со Генералниот.

Иницијативата на Градот за оцена на уставноста и законитоста на одлуката за „Мал ринг“ од 28 јули оваа година веќе беше разгледувана на седница на Уставниот суд во средината на октомври, но не беше донесена одлука. На 20 октомври Судот поднел дополнително барање до Општина Центар и до Градот Скопје, а откако не добиле одговор, следувала ургенција.

Главната дилема што треба да ја разрешат судиите е дали изградбата може да почне без добивање позитивно мислење од Градот или тука е доволно само да се добие мислење, без оглед на тоа дали е негативно или позитивно. Судиите треба да ја разрешат и очебијната колизија што постои меѓу Законот за град Скопје, кој во една своја одредба предвидува прибавување позитивно мислење, додека Законот за просторно и урбанистичко планирање оперира со терминот „мислење“.

Градоначалникот Трифун Костовски неодамна предупреди дека на левиот брег на Вардар пред Комерцијална банка е можно да никне уште еден проблематичен објект, како оној што се гради на кејот на местото на поранешната Народна банка. Локацијата за објектот, според Костовски, нема соодветни сообраќајни услови, а истовремено изградбата е проблематична и поради близината на речното корито.

Градоначалникот се закани дека Градот нема да издаде пресметка за наплата на комуналиите, независно кој ќе биде инвеститорот.

„Не не' интересира кој планира да се смести таму, туку дека маркичката се коси со постојниот ГУП. Нашиот став е јасен, планот ’Мал ринг‘ е незаконски и додека Уставен суд не се изјасни по нашата иницијатива за преиспитување на законитоста, нема да ја издадеме пресметката“, потенцираше Костовски.

Спорниот објект, кој засега не се знае точно каде треба да никне, но се претпоставува дека тоа треба да биде во непосредна близина на Комерцијална банка, е планиран за седиште на Уставниот суд. Во новиот објект, кој е замислен да оди во височина 29 метри (8-9 ката), иако со ГУП висината е лимитирана на 21 метар, таму треба да се сместат и други институции, меѓу кои и Државниот архив. Ваквото решение предизвикува незадоволство во Судот, бидејќи оттаму сметаат дека не треба да го делат објектот со друг корисник, особено не со институција која е сосема различна од нивната.

Изградбата на нова зграда за највисоката државна институција која се занимава со оцена на уставноста и законитоста беше договорена за време на посетата на премиерот Никола Груевски на Уставниот суд во мај оваа година. Првиот човек на Владата тогаш можеше и самиот да се увери дека судиите работат во неадекватни услови. Уставниот суд сега користи под кирија околу 1.000 квадратни метри, но има потреба од 3.000 метри. За време на средбата било разговарано и околу итна набавка на конференциска опрема за симултан превод.

Во овој момент не само што е неизвесно кога и дали ќе почне изградбата на објектот, туку се' уште нема ни трага ни глас од побараната опрема. Како што неофицијално дознаваме, надлежните од Уставниот суд не биле консултирани ниту околу локацијата на зградата ниту, пак, за распоредот на просториите.


Статијата е прочитана 55 пати.

Испрати коментар

Од: Svetec
Датум: 18.12.2008 00:46:08
NEZDRAV NAROD Makedonija se prazni, celata teritorijata e pusta a nekoj uporno se guraat vo centar na plostad da se smestat a do tamu se dovaga samo peski.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Скопје
„СП планет“ во Ѓорче Петров ги отвори вратите за граѓаните
Плоштадот во Автокоманда предаден во употреба
„Синтезис“ е новиот кум за Бадник
Скопје нема визија за урбан одржлив развој