22.03.2012, 14:48 „Кралевите“ гневни на судиите
Реал го заврши мечот кај Вилјареал (1:1) со девет играчи и без Жозе Мурињо. Сега има само шест бода плус во однос на Барса
Жозе Мурињо не сакаше да зборува на прес-конференцијата откако Реал Мадрид со Вилјареал одигра 1:1. Неговиот тим водеше со 1:0 се до 83 минута, кога прими гол од слободен удар (одлично шутираше Маркос Сена). Касилјес беше виновен за се'. Погрешно го постави живиот ѕид, а и самиот лошо се постави.
Потоа тргнаа големите протести. Тренерот Жозе Мурињо доби директен црвен картон, бидејќи аплаудираше на досудениот слободен удар. Веднаш потоа Серџо Рамос доби втор жолт картон, па директен црвен доби и Месут Озил. Така Реал одеднаш на тревата остана со девет играчи.
Нешто слично на „кралевите“ им се случи минатиот викенд против Малага. Тогаш, исто така, водеа со 1:0, а во 92. минута примија гол од слободен удар (Санти Казорла).
Предноста на мадриѓаните над Барселона во само пет дена од десет се стопи на шест бода, па медиумите во Шпанија со право се прашуваат може ли да се случи чудо.
Мурињо не сакаше да дава изјави, бидејќи заработи црвен картон. Судењето го коментираа други, а тоа најмногу го изнервира Португалецот, Пепе, кој по натпреварот му пријде на судијата во тунелот и му викна: „Каква кражба, курвин син!“.
Судијата Хосе Парадас Ромеро кажа дека тоа го напишал во извештајот и дека на Пепе му се готви казна, а поради тоа што не се појави на прес-конференцијата без последици нема да пројде ниту Мурињо.
Затоа, пак, Бразилецот, Марсело, културно го прокоментира мечот, но за официјалната страница на клубот, бидејќи мадриѓаните по мечот само пројдоа покрај новинарите.
„Мислам дека било која екипа сака да има шест бода предност. Мора да бидеме мирни. Натпреварот беше тежок, но добро одигравме. Не победивме, но атмосферата во екипата е одлична“, кажа дефанзивецот Марсело, па потоа се заврте кон судењето: „Продолжуваме со својата работа, но судиите се против нас. Мора да поправиме некои работи, повторно примивме гол од слободен удар“.
Резултати од 29. коло: Вилјареал - Реал Мадрид 1:1, Атлетико Мадрид - Атлетик Билбао 2:1, Спортинг Хихон - Мајорка 2:3, Валенсија - Сарагоса 1:2, Реал С. - Леванте 1:3. Табела: Реал Мадрид 72, Барселона 66, Валенсија 47, Леванте 44, Малага 41 (-1), Осасуна 40....
Роналдо со 100. гол во Примера го урна рекордот на Пушкаш
Реал Мадрид поведе кај Вилјареал со голот на Роналдо во 62. минута. Тоа беше јубилејниот 100. погодок за Португалецот во дресот на Реал. За тоа му требаше 91. меч, со што стана рекордер во дресот на „кралскиот клуб“. Пред него на Унгарецот Ференц Пушкаш му требаа 105. натпревари да дојде до 100. погодок.
До рекорд, ама неславен, дојде и Рамос. Тој по последниот црвен картон има вкупно 11 во 221 натпревар. Досегашниот рекорд го држеше Фернандо Јеро. Тој имаше 10 исклучувања во 439 меча.
|