15.03.2012, 16:52 Налбандијан се враќа во форма
Некогаш третиот светски рекет, а сега 70. на АТП-листата, го исфрли и Цонга од Индијан Велс
Давид Налбандијан почна да потсетува на своите славни денови, „нижејќи“ носители на мастерсот во Индијан Велс, каде што во четвртото коло го елиминира и шестиот носител Жо-Вилфред Цонга од Франција. Аргентинецот, своевремено трет светски рекет, а неделава 70. на АТП-листата, славеше со пресврт против Цонга со 3-6, 7-5, 6-3. Победата му донесе на Налбандијан четврт-финален дуел со вториот тенисер во светот Рафаел Надал од Шпанија, кој го „збриша“ 21. носител Александар Долгополов од Украина со 6-3, 6-2.
Четвртото коло го означи крајот на изненадувачките успеси на аутсајдерите Метју Ебден и Денис Истомин. Австралиецот Ебден, кој во претходната рунда го „улови“ осмиот носител Марди Фиш од САД, му даде силен, но недоволен отпор на уште еден Американец, 11. носител Џон Изнер, од кој загуби со 7-5, 6-4. Уште поскапо си ја продаде кожата Узбекистанецот Истомин, кој во третиот круг го изненади петтиот носител Давид Ферер од Шпанија, за потоа да потклекне по три сета од деветтиот носител Хуан Мартин дел Потро. Аргентинецот славеше со 7-6, 6-7, 6-2.
Резултати од осминафиналето: Дел Потро (9., Аргентина) - Истомин (Узбекистан) 7-6 (2), 6-7 (6), 6-2; Симон (13., Франција) - Харисон (САД) 7-6 (0), 5-7, 6-1; Федерер (3., Швајцарија) - Белучи (Бразил) 3-6, 6-3, 6-4; Надал (2., Шпанија) - Долгополов (21., Украина) 6-3, 6-2; Налбандијан (Аргентина) - Цонга (6., Франција) 3-6, 7-5, 6-3; Изнер (11., САД) - Ебден (Австралија) 6-4, 7-5; Ѓоковиќ (1., Србија) - Андухар (Шпанија) 6-0, 6-7 (5), 6-2; Алмагро (12., Шпанија) - Бердих (7., Чешка) 6-4, 6-0.
|