15.03.2012, 13:10 Пијано-виртуозот Алексеј Горлач со Македонската филхармонија
На вечерашниот концерт на Македонската филхармонија што ќе се случи во Домот на АРМ во 20 часот, како солист ќе настапи уште еден од најавуваните лауреати - виртуозниот украински пијанист Алексеј Горлач
Тој е победник на престижни меѓународни натпревари и неодамнешен лауреат на најголемиот државен натпревар во Германија - АРД во Минхен.
Алексеј Горлач во Скопје ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Лудвиг ван Бетовен, дело кое подолг период не е изведено на македонската концертна сцена. Под диригентската палка на маестро Пол Мејер од Франција, чиј настап е овозможен во соработка со Францускиот институт од Скопје, оркестарот ќе ги изведе и увертирата од операта „Италијанка во Алжир“ од Џоакино Росини, како и Симфонијата бр. 5 „Реформациска“ од Феликс Менделсон.
Еден од најисклучителните кларинетисти на денешницата, Пол Мејер, во изминатите неколку години гради значајна кариера како диригент. Диригирал со Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Копенхаген, Филхармонискиот оркестар на Радио Франција, Оркестарскиот ансамбл на Париз, Филхармонискиот оркестар на Ница, Минхенскиот камерен оркестар, Штутгартскиот камерен оркестар, Англискиот камерен оркестар, Шкотскиот камерен оркестар, Симфонија Варсовија, Белградската филхармонија, Симфонијата на Билбао, Симфонискиот оркестар на Таипеи и многу други.
Алексеј Горлач, пак, од единаесеттата година, па се' до денес, добитник е на многубројни награди на државни и меѓународни натпревари кои го обележуваат неговиот раст како пијанист. Роден е во Киев во 1988 година. Во 2011 година на најголемиот државен натпревар во Германија - натпреварот АРД во Минхен ја освојува првата награда од жирито, наградата на публиката и уште четири специјални награди. Последните постигнувања ги вклучуваат и првата награда на натпреварот за пијано „Акса“ во Даблин и сребрениот медал на престижниот пијано-натпревар во градот Лидс во Велика Британија, која жирито му ја доделува за изведба на Бетовеновиот Концерт бр.5. (Т.И.)
|