15.03.2012, 16:13 Телата на загинатите деца се враќаат во Белгија
Властите на Белгија се подготвуваат да ги пренесат во земјата телата на 22 деца и шестмина возрасни, кои загинаа во автобуската несреќа во Швајцарија. Два воени авиона „Ц-130 херкулес“ се во состојба на готовност. Белгискиот кабинет набрзо треба да одржи итен состанок.
Автобусот, што превезуваше 52 лица, кои се враќаа во Белгија по скијачки одмор, во вторникот удри директно во ѕид од тунел. Роднините на жртвите подоцна беа пренесени во Швајцарија, а многу од нив се' уште не беа сигурни за судбината на нивните деца.
Други 24 деца беа повредени, некои во критична состојба, во несреќата што се случи доцна навечер во близина на градот Сиере, во јужниот швајцарски кантон Вале. Тоа е најтешка сообраќајна несреќа во историјата на Швајцарија со децении. Децата беа на еднонеделно скијање во Вал Данивиерс во швајцарските Алпи.
Децата во автобусот што доживеа несреќа беа од основното училиште Стекске во Ломел, во близина на холандската граница, и од Сент Ламбертус во Хеверле, во близина на Лувен. Иако повеќето од жртвите се Белгијци, швајцарските власти јавија дека меѓу загинатите има седум холандски деца. Меѓу повредените има тројца Холанѓани, еден Полјак и еден Германец.
На конференција за печатот во средата, швајцарскиот обвинител Оливие Елсиг изјави дека автобусот бил речиси нов. Автобусот директно удрил во бетонски ѕид во делот за вонреден пристап, во тунел каде што ограничувањето на брзината е 100 км/ч. Според информациите, автобусот удрил во раб на тротоар, а потоа скршнал во патеката за запирање во тунелот. Се чини дека потоа продолжил и удрил во ѕидот на крајот од патеката. Судејќи според катастрофалното уништување на автобусот и загубата на животи, се' се случило со многу голема брзина.
Тунелот се смета за еден од најбезбедните – се наоѓа на автопат, со две патеки во секоја насока и преграда, така што сообраќајот не се одвива директно. Се чини дека во несреќата не биле инволвирани други возила.
Иако имаше прашања за безбедноста на некои постари тунели во Алпите, кои имаат само две директно соочени патеки, овој не беше таков. Тунелот каде што се случи несреќата е понов, со многу безбедносни карактеристики – патеки за спасување, телефони за спасување и многу е широк. Во него би требало да има доволно простор за сообраќај, да не се погоди работ на тротоарот.
Елсиг рече дека брзината на автобусот се' уште се утврдува, но нема индикации дека се движел пребрзо. Децата во автобусот биле врзани со појаси и не било инволвирано друго возило, додаде тој. Како можни причини кои се истражуваат Елсиг наведе технички проблем, проблеми со срцето кај возачот или „човечка грешка“.
Во меѓувреме, белгискиот министер за транспорт Мелшиор Вателе изјави дека компанијата која управувала со автобусот „Топтурс“ имала „одличен углед“. Тој рече: „Возачите пристигнале претходната ноќ и се одмориле во текот на денот пред поаѓање. Се чини дека законот за возење и периодот за одмори бил почитуван“. Меѓу загинатите се и дв��јцата возачи. (Би-Би-Си)
Автобускиот превоз е најбезбеден!
Европската унија во моментот не разгледува воведување на нови безбедносни мерки во автобусите по смртоносната сообраќајна несреќа во Швајцарија, изјави портпаролот на Европската комисија Хелен Карнс.
Таа повикувајќи се на статистиката меѓу воздушниот, железничкиот и копнениот сообраќај потенцира дека „автобускиот транспорт е еден од најбезбедните за патување“.
Карнс истакна дела ЕК ги очекува резултатите од истрагата за сообраќајната несреќа во швајцарскиот тунел.
|