15.03.2012, 15:43 Премиерата на „Челичната дама“ вечерва во Милениум
Филмот е во режија на Филида Лојд, со Мерил Стрип во главната улога
Во Градското кино Милениум вечер ќе се одржат премиерните проекции на американскиот филм „Челичната дама“ во режија на Филида Лојд, со Мерил Стрип во главната улога.
Стрип, која вешто актерски ја отсликува поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, го доби оскарот за главна женска улога. Освен третиот оскар, Стрип за филмската креација на ликот на една од најмоќните жени во модерната историја, која ја плаќа цената на моќта и власта, не заборавајќи ја основната цел -доброто на државата, ги доби и наградите Златен глобус и наградата БАФТА на светската филмска критика.
Филмот „Челичната дама“ ќе се прикажува во рамките на оскаровскиот викенд во Градското кино Милениум, а откако ќе заврши викендот на оскаровци, и на љубителите на филмската уметност ќе им бидат проектирани филмовите „Масакр“ на Роман Полански со Џоди Фостер, Кејт Винслет, Џон К. Рајли и Кристоф Волтс во главните улоги и „Потомци“ на Александар Пејн, со Џорџ Клуни во главната улога.
Билетите за кино проекциите публиката може да ги набави на касата на Градското кино Милениум, секој ден од 10 часот и 30 минути до 22 часот и 30 минути.
|