16.03.2012, 16:55 Српски убиец со години живеел во Охрид под лажен идентитет
Уапсен е Владимир Јорга (37), кој од 2002 година е во бегство поради злосторство во Панчево
По десетгодишно бегство, Србинот Владимир Јорга (37), осуден поради убиство во Панчево, е уапсен во Охрид. Под лажен идентитет и државјанство на Босна и Херцеговина, Јорга со години легално живеел во Македонија. Тука формирал семејство имал и две деца и никој не се посомневал дека станува збор за бегалец кој се бара за убиство. Сега се соочува со 20-годишна затворска казна во Србија.
Панчевецот по кого беше распишана меѓународна потерница, е уапсен во близина на угостителски објект во Охрид. Веднаш му е одреден едномесечен притвор и се очекува негова екстрадиција во Белград. Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека сега се вршат дополнителните проверки на идентитетот, имајќи предвид дека бил уапсен врз основа на фотографија.
„Српскиот државјанин е приведен и одреден му е притвор. По завршувањето на сите формалности, ќе почне постапката за негова екстрадиција“, вели помошник-министерот за информирање во МВР, Иво Котевски.
Според првичните сознанија на истрагата, Србинот со босанскиот пасош на туѓо име, уредно влегол во земјава пред седум-осум години. Се оженил во Охрид, формирал семејство со две деца. Живеел нормален живот под лажен идентитет. Сепак, клопчето почнало да се одморува откако и' станал сомнителен на македонската полиција. Биле разменети информации со српските колеги, по што следуваше завчерашното апсење. Дали и кој му помагал - допрва ќе се истражува.
Српските медиу ми веднаш се распишаа за апсењето на Владимир Јорга- Волоѓа. Според нивните извештаи, тој на 22 јуни 2002 година околу 22,30 часот во градината на кафулето „013“ најпрво се скарал со Горан Грбан (25), а потоа и го застрелал. Притоа, еден од куршумите тешко ранил седумнаесетмесечно бебе, кое спиело во количка. Бебенцето, кое со родителите и постариот брат шетало низ центарот на градот, едвај преживеало. Куршумот го погодил во глава, а потоа се лизнал во стомакот.
„Долго закрепнуваше, а последици трпи и ден-денеска. По пукотниците, Јорга побегна, а се претпоставуваше дека побегнал во Република Српска“, пишуваат белградските весници.
Јорга и Грбан, наводно, биле во кавга поради девојка. Според шпекулациите, приближно една година пред убиството, двајцата и се степале, при што Владимир го извлекол подебелиот крај, добивајќи ќотек со безбол-палка.
Во отсуство е осуден на 20 години затвор. Доколку биде екстрадиран, може да побара ново судење.
Ова е второ апсење на српски криминалец што за неполн месец се случи во Македонија. Претходно во Скопје беше пронајден еден од водачите на навивачката група „Гробари“, кого Србија го бараше за разни кривични дела. (Г.А.)
|