16.03.2012, 14:24 Северна Кореја ќе истрела сателит
Ракетата носач е со два или три степени и со дострел од 6.700 километри, има дострел до Аљаска
Северна Кореја објави денеска дека ќе истрела во април ракета, која ќе изведе сателит во орбитата, за да ја одбележи стогодишнината на основачот на државата Ким Ил-сунг.
Истрелувањето планирано меѓу 12 и 16 април претставува кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која и се забранува на Северна Кореја да извршува нуклерани операции и тестирање на балистички ракети.
Светските медиуми нагласуваат дека станува збор за една иста ракета и оти единствената разлика е што носи, боеви глави или сателит. Таа надвор од Северна Кореја е позната како "Теподон".
Експертите посочуваат дека Северна Кореја не располага со модерна инфраструктурата за развој на сателити, тестирања или набљудувања и сметаат дека нема сомневање дека тоа што ќе следува ќе биде ракетно тестирање.
Се очекува ракетата да биде "Теподон-2", модификација на ракета со голем дострел, со која беше извршено тестирање во 2009 година. Таа е два или три степени и со дострел од 6.700 километри, што значи дека може да стигне до Аљаска.
"Теподон - 2" никогаш немала целосно успешен лет. При нејзиното истрелување во 2009 година таа експлодира откако прелета над Јапонија. Северна Кореја првото тестирање на "Теподон" го изврши во 1998 година и тогаш исто така соопшти дека ракетата носи сателил.
Властите во Пјонгјанг тврдат дека новиот сателит е дел од програмата за вселенски развој со мировни цели. Експерти за неширење на нуклеарно оружје и воени експерти изјавија дека "Теподон" е произведена од Северна Кореја за можна употреба против САД. Но повеќето експерти сметаат дека Пјонгјанг не располага со технологии за мали нуклеарни боеви глави.
Пјонгјанг поседува најмалку илјада ракети со различен дострел и продава ракети и ракетна технологија во странство, а Иран е главниот купувач
|