15.03.2012, 11:08 Скопје и Атина се притискаат да најдат решение за името
Европратениците најавуваат и засиленo лобирање во европските престолнини со цел Советот на ЕУ да донесе одлука за почеток на пристапните преговори.
Врз Скопје и Атина се врши притисок да се најде решение за проблемот со името, со што ќе се деблокираат евроинтегративните процеси во Македонија, велат европратениците, кои најавуваат и засиленo лобирање во европските престолнини со цел Советот на ЕУ да донесе одлука за почеток на пристпаните преговори.
Европскиот парламент вчера во Стразбур ја усвои резолуцијата за напредокот на Македонија, 582 европратеници гласаа „за“ и јасно уште еднаш побараа земјата во најкус рок да добие датум за преговори со ЕУ.
- Статус квото не може да продложи. Ние се ангажиравме кон земјите од Балканот за да им дозволиме да станат членки на ЕУ. Земјата за која јас сум одговорен, нагласувам, нејзиното зачленување во ЕУ е многу важно. Не сано за неа, туку и за другите земји од Балканот и затоа таа не смее да се остави настрана, нагласува известувачот за Македонија британскиот лабурист Р��чард Ховит.
На прашањето како ќе биде спроведена неговата резолуција на дело и како ќе се убеди Советот на ЕУ да донесе одлука за почеток на преговорите, известувачот за Македонија одговара: - „Да успееме да добиеме поддршка од мнозинството на земјите што ќе дозволи да се најде решение за преговорите да почнат. Јас ја поздравувам најавата на данското претседателство кое рече дека е подготвено да помогне и да го стави на дневниот ред на Советот ова прашање, за време на нивното претседавање. Тоа покажува дека нештата се можни, мојата работа е да тоа што е можност се претвори во реалност.“
Притоа Ховит открива дека се врши притисок врз Скопје и Атина да најдат решение за името.
- Ние во ЕУ и во ЕП вршиме притисок врз двете страни за да има можно решение. Ние сме тие кои што треба да ги направиме нештата можни. Не можеме да останеме настрана и да критикуваме, туку треба да создадеме услови за да се успее, што ќе дозволи да преговорите започнат“, додава британскиот лабурист Ричард Ховит.
Германскиот европарламентарец Бернд Поселт од редовите на Народните партии, кој не ги крие симпатиите кон Македонија во изјава за Дојче Веле го повторува ставот на Ховит.
- Ние сега организираме инцијативи во сите престолнини, каде разговараме со владите и истовремено подготвуваме прашања за Советот кои ќе му бидат поставени на пленарна сесија на ЕП. Истовремено ги координираме и активностите со Европската комисија која исто како и комесарот Штефан Филе се залага за почеток на преговорите. Јас исто така разговарам со моите грчки колеги за да му стават крај на оваа неверојатна блокада. Тоа е неприфатливо за Европа, вели Поселт.
|