15.03.2012, 14:57 Дијалогот е мост кон пристапните преговори со ЕУ
Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и Република Македонија денеска во Скопје го отворија еврокомесарот за проширување Штефан Филе и премиерот Никола Груевски
ФОТО: Киро Попов
Листа од шест заклучоци и анекс со конкретни обврски кои го дефинираат патоказот за начинот на нивното исполнување во петте клучни области - владеење на правото, реформа на јавната администрација, слобода на медиумите, реформа на изборната легислатива и функционална пазарна економија.
Тоа е резултатот кој произлезе од првата средба во рамки на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и Република Македонија кој денеска во Скопје го отворија еврокомесарот за проширување Штефан Филе и премиерот Никола Груевски.
Двајцата на заедничката прес-конференција по разговорите се согласија дека пристапниот дијалог на високо ниво е нова фаза во патот на Македонија кон ЕУ, мост кој неизбежно ќе води кон пристапните преговори со ЕУ.
- Фокусот на тој мост се реформите кои треба да ја помогнат модернизацијата на земјата што би ја довеле Македонија поблиску до Европската унија. Би сакал да го подвлечам и тоа што го видов кај премиерот, а тоа е чувството на сопственост на овие реформи и на агендата на дијалогот на високо ниво, рече еврокомесарот Филе кој повеќе пати ја употреби придавката македонски.
Премиерот Груевски потенцира оти пристапниот дијалог на високо ниво е нова платформа за соработка со Европската комисија која е значајна за нас и е со ограничено времетраење и подвлече оти почетокот на преговорите за членство во Унијата останува примарна цел и заложба на Владата за што напорите ќе продолжат со цел тоа да се случи што е можно поскоро оваа година.
- Македонија и ЕК се партнери во еден историски потфат за нашата земја, а тоа е членството на земјата во Унијата. Тоа е предизвик за нашата генерација политичари за чие што спроведување сите посветено работиме без оглед на ирационалните пречки кои ни се поставуваат на патот. Затоа што членството на Унијата е добро за понатамошниот демократски и економски развој на земјата, за натамошна промоција за заштита на нашите вредности и кулутура. Тоа ќе биде добро и за Балканот и за ЕУ за стабилноста, благосостојбата и просперитетот на нашиот континент во време на глобализација, посочи премиерот Груевски.
Во однос на темите за кои станало збор на денешното отворање на дијалогот со учество и на ресорните министри, шефот на Владата подвлече оти станува збор за области за кои веќе се преземени конкретни активности. Во делот на медиумите тој го посочи воспоставениот дијалог со новинарите кој треба да овозможи баланс помеѓу слободата на медиумите и новинарската одговорност од кој се очекува да произлезат решенија во согласност со европските стандарди. Во делот на владеењето на правото и основните слободи вели дека реформите се доста напреднати, а утврдени се неколку мерки во насока на зајакнување на ефикасноста и независнос��а на судството. Во однос на изборните реформи посочи оти е веќе формиран Управен комитет на високо ниво, кој заедно со ОБСЕ/ОДИХР и ЕУ работи во насока на адресирање на забелешките од последните избори, а усогласени се и повеќе мерки во насока на зајакнување на пазарната економија.
Во рамки на пристапниот ��ијалог на крајот на овој месец ќе отпочне и техничкиот дијалог за поглавјата 23 и 24 од правото на ЕУ, а се однесуваат на правосудството и фундаменталните права, односно на правда, слобода и безбедност кои ќе бидат во фокусот на вниманието и на целиот пристапен процес. За останатите теми од пристапниот дијалог ќе се реализираат експертски состаноци во рамки на поткомитетите основани согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
На средбите, како што изјави Филе, воопшто не станало збор за името. Пристапниот дијалог ќе продолжи во мај, а потоа и во септември.
|