15.03.2012, 10:59 Челзи ја спаси честа на англискиот фудбал
„Сините“ по продолжение го елиминираа Наполи (4:1), а Реал Мадрид очекувано ја победи ЦСКА Москва со 4:1 и со вкупни 5:2 избори пласман во четвртфиналето
Челзи успеа да ја одбрани честа на англискиот фудбал и да остане единствен премиерлигаш во Лигата на шампионите по комплетирањето на осминафиналните дуели.
Составот, кој од клупата го предводи довчерашниот помошник на Андре Виљаш-Боаш, Роберто Ди Матео, славеше со големи 4:1 по 120 минути игра, откако регуларните 90 минути завршија со идентични 3:1 како во Неапол на првата средба.
Дидие Дрогба во 28.минута го отвори резултатот, а на почетокот на вториот дел капитенот Џон Тери го постигна и вториот гол за „сините“ од Лондон. На 2:1 намали Гохан Инлер во 55.минута, а третиот гол за Челзи од пенал во 75.минута го постигна Франк Лампард. Поради идентичниот резултат од првиот дуел се играа продолженија, а голот за пласман во „топ 8“ за Челзи го постигна Бранислав Ивановиќ во 105.минута.
Реал Мадрид очекувано ја победи ЦСКА Москва со 4:1 и со вкупни 5:2 избори пласман во четвртфиналето. Стрелци на головите за „кралскиот клуб“ беа Гонзало Игуаин во 26.минута, Кристијано Роналдо во 55.минута и 90+3 минута и Карим Бензема 70.минута, додека голот за руската екипа го постигна Зоран Тошиќ во 77.минута.
Пласман во четвртфиналето изборија: Реал Мадрид и Барселона (Шпанија), Бенфика (Португалија), Олимпик Марсеј (Франција), Милан (Италија), Баерн Минхен (Германија), Челзи (Англија) и АПОЕЛ (Кипар).
|