МАНУ нема пари за нова енциклопедија
Рамиз Абдили бара енциклопедијата да се нарекува Енциклопедија на Македонија
Академиците се заглавија со одлуката за повлекување на спорната Енциклопедија и од новото издание нема ни абер. Редакцијата, која е формирана, веќе се соочува со проблеми - ја напушти професорот Рамиз Абдили, бидејќи неговото барање идната енциклопедија да не се нарекува македонска, туку Енциклопедија на Македонија, не наиде на разбирање.
Ова, навидум мало недоразбирање повторно ќе ја закочи работата на изменетото издание, за чие излегување владее голема скепса. Ако се има предвид цената на ова исклучително скапо издание за кое десет години се издвојуваа буџетски средства, и не можеше да се очекува дека Македонската академија на науките и уметностите ќе биде во можност да изготви ново издание, во кое ќе се избришат сите спорни одредници што и на државата и на институцијата и' нанесоа огромна штета. Дел од академиците ги доставуваат своите научноаргументирани забелешки и исправки на она што го содржи Енциклопедијата, меѓутоа, прашање е дали тие ќе може да бидат отпечатени.
Јавна тајна е дека МАНУ минува низ тешка финансиска криза, се работат само проекти што се финансирани од ЕУ, а летово на академиците не можеа да им бидат покриени ниту патните трошоци до Охрид за присуство на седницата посветена на 1.100-годишнината од раѓањето на св. Наум. Од друга страна, се тврди, во Струга поединци одлично профитираат од компјутерското издание на повлечената Енциклопедија и таа се продава за 100, па и за 200 евра. Во зависност од потребата на купувачот, а се говори дека интерес за нејзина набавка пројавуваат одделни центри што сакаат да го имаат ова издание за некои идни оспорувања на нашиот идентитет, наследство и култура.
Како и да е, близу 2.000 примероци на Енциклопедијата собираат прашина во депото на МАНУ зашто став на Академијата е дека станува збор за обична импровизација што нема допирни точки со науката и со фактите. Меѓутоа, иако за нејзино излегување се потрошени стотици и стотици илјади евра, се' уште највисоката научна институција не поведе постапка за одговорност што по десет години, државата доби Енциклопедија од која се засрамија и академиците. (Б.Ј.) |