Број 3190  сабота, 23 јануари 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин
Стил

Site Meter
Економија

Конечно, похрабро поевтинување на кредитите

Граѓаните и фирмите веќе може да се израдуваат на значајно пониски камати кај дел од банките

Нина Нинеска-Фиданоска


Граѓаните и компаниите конечно може да се израдуваат на позначајно поевтинување на банкарските кредити. Дел од банките веќе почнаа похрабро да ги намалуваат каматните стапки на своите заеми, за разлика од досегашните скромни и срамежливи чекори што ги правеа на тој план.

Прва нога повлече НЛБ Тутунска банка и своите кредити ги поевтинува до три процентни поени, што веќе може да се смета за вистинско релаксирање на каматната политика и освежување на населението и на фирмите со подостапни заеми.

Се очекува ваквиот чекор да го следат и другите банки, откако ќе ги направат потребните математики, а секако пресудна ќе биде и конкурентската битка за привлекување што поголем број клиенти.

Ова следува откако Народна банка на Македонија, преку две последователни намалувања, ја сведе референтната каматна стапка на осум отсто, наспроти девет проценти колку што изнесуваше во претходниот период.

Инаку, НЛБ Тутунска банка вчера ја информираше јавноста дека од почетокот на февруари ги намалува каматните стапки на своите кредити. Намалувањето ќе се движи од 0,5 до три процентни поени. Снижување ќе има кај новите кредити, но и кај дел од веќе одобрените заеми. Каматната стапка за новоодобрени кредити од продуктите „Виолетов“ и „Сребрен“ потрошувачки кредит се намалува за три процентни поени, односно од досегашните 14,9 отсто, ќе се сведе на 11,9 проценти. НЛБ Тутунска банка овозможува и рефинансирање на постојните кредити со поповолни камати, без провизија за одобрување на кредитите.

Намалувањето на каматата за новоодобрени автомобилски кредити е околу еден процентен поен, а за хипотекарните 1,1 процентни поени.

Она што предизвика голем интерес во соопштението од НЛБ Тутунска банка е делот во кој таа информира дека ги намалила каматите за дел од веќе одобрените кредити и тоа од 0,5 процентни поени дури до 8,5, во зависност од типот на кредит. Но, од банката објаснуваат дека ова намалување од 8,5 процентни поени се однесува само на многу стари кредити што биле доделени одамна, пред повеќе години, сега тече нивната отплата, а нив банката веќе не ги одобрува. Некои од овие кредити имале многу високи камати, односно 19, 20, па дури и до 24 проценти. Но, поради одлуката на НБМ со која задолжителната законска затезна камата е 8,47 отсто, сега овие високи камати морало да се сведат на најмногу 16,5 отсто, поради што било неопходно ова високо намалување на каматите на овие кредити.

НЛБ Тутунска банка информира и дека ги намалува каматните стапки на депозитите за физички лица. Намалувањата се движат од 0,6 до 0,8 процентни поени кај денарските депозити и 0,2 процентни поени кај девизните депозити. Измената на каматните стапки на депозитите стапува на сила од 1 февруари и ќе важи за сите новосклучени ависта и орочени депозити, како и за сите депозити орочени од 1 јуни лани до 1 февруари годинава. Како една од причините за намалувањето во банката ја наведуваат и конкуренцијата на банкарскиот пазар.

Инаку, пред овој чекор НЛБ Тутунска банка веќе еднаш ги намали своите камати, пред намалувањето на референтната камата.

Другите банки, пак, во изминатиов период, исто така, ги следеа сигналите на централната банка и почнаа да ги поевтинуваат кредитите, но скромно.

Стопанска банка ги намали каматите за половина процентен поен. „Банката водеше сметка позначително намалување да има кај кредитите што се од исклучителна важност за животниот стандард, односно кај автомобилските и кај станбените кредити, за кои намалувањето ќе се применува од 1 февруари“, соопштија неодамна од банката.

Во Комерцијална банка, пак, намалените камати, во просек од 0,5 до еден отсто, веќе важат од почетокот на годинава.

Сепак, останува неизвесно дали банките ќе покажат поголема флексибилност и во одобрувањето нови заеми. Според проекциите за кредитниот раст за годинава, тој ќе биде скромен и ќе изнесува 6,5 отсто.

Иако банките почнаа да реагираат на олабавувањето на монетарната политика, неодамна премиерот Никола Груевски повторно му порача на гувернерот Петар Гошев дека има простор каматите повеќе да паднат. Груевски оваа порака до централната банка ја поткрепува со фактот дека се очекува закрепнување на економијата, како и со порастот на девизните резерви, што се вратени на ниво од пред почетокот на кризата.


#
Статијата е прочитана 855 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Економија
За Хрватска 5.000 транспортни дозволи повеќе
Грција не се откажува од еврото, Папандреу повика на трпение
Кој го минираше протестот на кафеанџиите
Сто милиони евра од ИФЦ за лошите пласмани во Источна Европа
ЕБОР