За Хрватска 5.000 транспортни дозволи повеќе
Македонските транспортери во 2010 година ќе имаат дополнителни 5.000 транзитни дозволи за Хрватска. Тоа е договорено на состанокот на мешовитите комисии за патен транспорт меѓу Македонија и Хрватска што е одржан во Загреб, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Со ова се надминува проблемот со недостиг од транспортни дозволи за македонските транспортери за оваа земја. Во изминатиот период домашните превозници имаа зголемен број барања за издавање дозволи за транспорт во Хрватска, кој го надминуваше редовниот контингент за размена на дозволи меѓу двете земји.
Претставници на двете делегации договориле транспортните дозволи што досега се разменуваа да бидат распределени на два посебни вида - билатерални и транзитни. За наредната година, договорено е, годишната квота да изнесува 10.000 транзитни дозволи, 5.000 билатерални дозволи и 200 транспортни дозволи за трети земји и од нив.
Основната договорена квота на дозволи за 2011 година, пак, е за 5.000 дозволи поголема од квотата за годинава. (МИА) |