Ставрески ретерира за Законот за енергетика

Законите може да се менуваат во секое време доколку има потреба и аргументи за тоа, изјави министерот
Соња Маџовска
Законите може да се менуваат во секое време доколку има потреба и аргументи за тоа, призна вчера министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, кој беше еден од најголемите бранители на ланските измени на Законот за енергетика. Тој и лани, но и сега се' уште тврди дека при носењето на измените на Законот, писмено добиле потврда од Европската комисија дека тој е во согласност со европските директиви и дека фактички нема спорни одредби во него.
Се поставува прашањето од каде сега, според мислењето на Европската енергетска заедница, испадна дека Законот не бил во согласност со европската регулатива?
„Законите секогаш нормално може да се модифицираат доколку се покаже дека има потреба од тоа и доколку има аргументи за тоа. Така и на овој Закон ќе му биде пристапено. Експертите треба да го погледнат мислењето. Во тој период кога се носеше Законот за енергетика, и писмено имавме допис од Европската комисија дека Законот е усогласен со европските директиви. Доколку има потреба од натамошни корекции и доколку се сменети одредени работи, тие ќе бидат разгледани од стручните служби од Владата и од Собранието. Доколку се процени дека се потребни, тие ќе бидат предложени во Собранието“, изјави вчера Ставрески.
По оваа последна изјава на Ставрески, но и по завчерашната на директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, излегува дека, сепак, жешкиот костен за ова прашање е целосно во рацете на министерот за економија, Фатмир Бесими. Тој, иако не учествуваше во измените на Законот, ќе мора да го менува по испорачаните забелешки од енергетската заедница. Досега и единствено Бесими најотворено изја��и дека во Министерството веќе се работи на усогласување на Законот. Неговата подготвеност за промени можеби е резултат на тоа што тој, всушност, изворно ги слушнал забелешките на состанокот на ЕЕЗ што неодамна се одржал во Сараево. Токму на тој состанок била искажана загриженоста за енергетските состојби во земјава. На тој состанок особено бил нагласен и спорот меѓу Владата и ЕВН, што според ЕЕЗ го нарушува имиџот на државата, но и влијае врз инвестициите во енергетскиот сектор во Македонија.
Вчера и Ставрески остави простор со мала резерва, дека доколку има потреба, Законот за енергетика ќе се менува.
За разлика од министрите, Чинговски се' уште е на мислење дека Законот е во согласност со европските директиви. За него немало ништо спорно во законот изменет лани, со кој ова државно претпријатие доби повластена позиција. Тој дури обвини дека пораките што доаѓаат од Виена се поттикнати од лични интереси и интереси на поединци.
А забелешките од Европската енергетска заедница се однесуваат токму на позицијата на ЕЛЕМ и трошоците на компаниите што инвестираат во земјата за да не работат со загуби. Тие очекуваат активна позиција од власта за надминување на пречките. Оттаму сметаат дека Македонија не успеала да го отвори целосно пазарот за електрична енергија, а регулираните тарифи за дистрибуција на енергијата не ги земаат предвид трошоците за покривање на загубите. За експертите од Виена проблематична е монополската позиција на ЕЛЕМ, како производител, увозник и трговец со електрична енергија. |