Поглед
Живот во страв
Даниела Трпчевска
Татко и син смртно повредени оти искарале немирни деца. Девојче се фрла секој ден под автобус, молејќи го возачот да ја прегази. Две машки деца играле недозволени сексуални игри поттикнати од порно-филм. Затвореници со хебли кршеле катанци и врати во „Идризово“...
Минимум дваесетина минути завчера телевизиите известуваа за серијата хорор-настани од нашето соседство. Премногу црнила за еден ден. Премногу дури и за една недела.
Ваквата тензија на опасно живеење во земјава трае веќе подолго време. Настаните кои ја откриваат темната страна на секојдневниот живот, убиствата, педофилијата, силувањата, филмските грабежи буквално не' напаѓаат од сите страни. Телефизиските снимки од грозморни настани, прегазени велосипедисти, ранети осумнаесетгодишници, локвите крв, чаурите од испуканите куршуми, како ноќна мора буквално како да излегуваат од телевизиските екрани, не' држат под константен стрес.
Животот во страв дека може да не' погоди случаен куршум додека возиме велосипед во парк или да ни „свирне“ еден куршум ако го погледнеме напреку или ги прекориме неговите палави деца, психозата дека ги пуштаме децата да си играат со другарчињата, а не знаеме до каде можат да забегаат тие игри е исцрпувачки.
Како да сме качени на некој огромен рингишпил кој постојано забрзува, а немаме моќ да го запреме и константно висиме во највисоката точка, со можност кошницата да ни се откачи и да се струполиме од вртоглавата висина. Не се сеќавам кога последен пат сум чула убави вести, а се' понејасно ми е дали навистина светот забегал во погрешна насока, или црните настани постоеле отсекогаш, но не стигнувале до ушите на јавноста. За наше добро или лошо, којзнае?
|