Број 3100  петок, 02 октомври 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Политика
Педијатрите не даваат децата да ги лекува семеен лекар

Во Министерството за здравство се како раштимуван оркестар за прашањето на педијатрите

Јасмина Јовановска


Педијатрите се против концептот што го воведува Министерството за здравство - децата да ги лекуваат семејните лекари. Со овој модел за десетина година во примарниот сектор ќе бидат укинати детски лекари. Тоа значи дека еден лекар ќе лекува и деца и возрасни, а педијатри ќе има само во поликлиниките и во болниците. До нив ќе се доаѓа само со упат од семејниот лекар. Детските лекари се подготвени својот став да го бранат и со референдум. Главниот аргумент е дека со укинување на детските лекари ќе се намали здравствената заштита на децата, а ќе се зголеми стапката на болестите и смртноста кај децата.

„Парадоксално е во една чекалница да седат бебиња, трудници и стари лица со хронични болести“, објаснува прим. д-р Методија Томевски, потпретседател на Здружението на педијатрите на Македонија. Според него, не може да има исто знаење специјалистот по семејна медицина, кој само три месеци ќе учи педијатрија, со специјалистот по педијатрија, чии студии траат четири години. „Со курс од три месеци не може да се следат деца во раст и развој кај кои околу 50 отсто имаат проблеми со превентивата, исхраната, ’рбетот, пубертетот“, потенцира прим. д-р Томевски.

Својот став педијатрите го бранат и со бројните укажувања од Европската асоцијација на сите лекари што стасуваат секоја година, а во кои се вели дека педијатрите треба да останат на примарно ниво. „Пред неколку години, претседателот на Европското здружение на сите лекари, Ален Рој, рече дека она што се градело 60 години во примарната педијатрија треба да продолжи да се надградува, а никако да се укине“, вели д-р Томевски.

„Зошто да не се учиме на туѓи грешки. Во Бугарија, во примарниот сектор се укинати педијатрите, па сега родителите имаат мака со матичните општи лекари. Поради ограничен број упати, децата тешко доаѓаат до педијатрите или, пак, најчесто нивните родители мора да го платат педијатрискиот преглед“, појаснува д-р Томевски.

Речиси сите земји во регионот, како што се Србија, Хрватска, Словенија, имаат избран лекар по општа практика, но и избрани педијатри. „Во Министерството се обидоа да не' убедат дека во Словенија нема педијатри на примарното ниво, но оттаму имаше позитивен одговор“, додава д-р Томевски, кој вели дека за овој проблем е информиран и премиерот Никола Груевски, кој им дал лична поддршка.

„Со претходниот министер Селмани успеавме да се разбереме. Новиот министер Османи нема��е став за ова прашање, па потоа рече да размисли. Сега очекуваме нова средба со него“, додава д-р Томевски, кој најави дека денеска педијатрите ќе се состанат за да се договорат за наредните чекори.

Во Министерството за здравство, пак, за прашањето на педијатрите се како раштимуван оркестар. И додека заменик-министерот за здравство, д-р Владимир Поповски, е јасен дека од годинава стартува специјализацијата по семејна медицина и има простор педијатрите да си го најдат своето место како тим со семејниот лекар, но само до 2020 година, министерот за здравство Бујар Османи нема дефиниран став дали педијатрите треба да се задржат на примарно ниво.

„Во стратегијата до 2020 година педијатрите не се предвидени. Меѓутоа, тие сметаат дека не треба да бидат укинати и ова прашање не сме го заклучиле. Разговаравме со нив да најдеме решение“, изјави министерот за здравство Османи.

За разлика од министерот, заменик-министерот за здравство, д-р Владимир Поповски, укажува дека педијатрите ќе останат во примарниот сектор до 2020 година. „Тие ќе бидат еден тим со семејните лекари и ќе нема никакво препраќање на пациентите со упати. Пациентите сами ќе одлучат дали ќе изберат семеен лекар или педијатар“, објаснува д-р Поповски. Според него, обновувањето на специјализацијата по педијатрија за примарно ниво нема да го наруши концептот на семеен лекар. „Специјализацијата по педијатрија може да се обнови, но кој ќе ги плаќа трошоците за нив е политичка одлука. Засега концептот е таков што специјализации по семејна медицина ќе се даваат на лекарите од јавните здравствени установи, односно од здравствените домови“, додава д-р Поповски.

Во Македонија има околу 260 педијатри во примарниот сектор, од кои околу 90 работат на превентивата и вакцинацијата.

 


#
Статијата е прочитана 359 пати.

Испрати коментар

Од: bale
Датум: 02.10.2009 00:11:32
Методија, а кој ги прашува педијатрите????? Па нели е ова експериментално банана државче !!!???
Од: д-р
Датум: 02.10.2009 01:54:46
Подршка за Здружението на педијатри и една исправка, од 2006 год. специјализацијата по педијатрија трае 5 години.
Од: spiro
Датум: 02.10.2009 07:00:09
Замислите луѓе, во чекална мајка со двомесечно бебе и старец на 80 години кој кашла и плука (нормално ако нема и тука полиција да го казни)..... тоа се апсурди на владеењето на ДЕЧИШТА во здравството во Македонија.........БАРАВТЕ, ГЛЕДАЈТЕ ??????
Од: mirko
Датум: 02.10.2009 08:49:16
ako treba ke patuam do sosedna drzaa i ke platam kolku treba ama moeto dete ke bide pregledano od strucno lice-pedijatar a ne nekoj banana doktor koj najzerojatno zarsil medicina so pomos na tato i mama....imamo zdravstvo koe i vo zemjite africki e poloso.....sri lanka ima podobro zdravsto od naseto grujino....
Од: јас
Датум: 02.10.2009 11:01:37
Продолжуваме да бидеме заморче во глупите експерименти на оваа детска градинка-Влада.Министери кои до вчера не знаеа носот да си го избришат, сега ја „кројат„ судбината на 2 милиони Македонци и сите гледаме каде не ' водат!!

Најди! во Утрински
Политика
Д-р Ванче Стојчев
Петковски крои влада во сенка
Пензионерите бараат социјална пензија
Љупчо Георгиевски го брани лавот
Владата штеди на сметките за мобилки