Над 5 млн. евра за обнова на нафтените резерви

Набавките ќе се извршат од рафинеријата ОКТА и од компанијата за продажба на нафтени деривати на мало, „Лукоил“
Од буџетот ќе се издвојат 5,3 милиони евра за нафта и нафтени деривати за државните резерви. Набавките ќе се извршат од рафинеријата ОКТА и од компанијата за продажба на нафтени деривати на мало, „Лукоил“. Овие две компании беа избрани на последниот тендер од државната Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. Притоа, договорот со ОКТА се однесува на набавка на нафта во вредност од 306,5 милиони денари или пет милиони евра, додека од „Лукоил“ ќе се набави екстра лесно масло за домаќинствата во износ од 19,84 милиони денари, 322,6 илјади евра.
Тендерот е распишан од Дирекцијата во февруари годинава, а траеше до април. Овој тендер е еден од трите што Дирекцијата планира да ги распише до крајот на годинава. Лани, пак, беше реализирана само една набавка на нафтени деривати, а причина за тоа е што со ребалансот на буџетот, на Дирекцијата и' биле ограничени средствата.
Според Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Македонија мора да има обезбедено резерви на нафта за период од три месеци, а тие би се употребиле во случај на енергетска несигурност на пазарот, односно за интервентно снабдување во вонредни состојби. Во задолжителните резерви за тековната година, според Законот, треба да се набават 25 отсто од одделната потрошувачка на деривати во изминатата година. Инаку, вкупните годишни потреби од нафтени деривати во земјава се проценуваат на 822.000 тони.
Сегашнава набавката на деривати за државни резерви се врши во време кога на светските берзи расте цената на црното злато на Њујоршката берза достигна 99 долари за барел, а во Лондон „брент“ нафтата стаса до 118 долари за еден барел. (М.Т.) |