Уште четири нови затруени кошаркарки
На Инфективната клиника во Скопје вчера за лекарска помош се обратиле четири нови случаи со знаци на труење од храна, кои престојуваат во хотелот „Континентал“. Со завчерашните три случаи, досега вкупно се регистрирани седум кошаркарки што се жалеле на труење.
„По дадената лекарска помош и терапија, затруените лица на возраст од 15 и од 16 години се пуштени на домашно лекување, односно се вратени во хотелот. Клиничката слика, како и епидемиолошката анкета упатува дека станува збор за труење“, објаснува д-р Жаклина Шопова, од Клиниката за инфективни болести.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат заедно со другите надлежни органи се' уште ги испитува причините за труењето. Двете кујни во хотелот и натаму се привремено затворени, а во меѓувреме гостите во хотелот ќе се хранат преку кетеринг-служба. Кујните ќе бидат затворени, велат во Државниот здравствен и санитарен инспекторат, се' додека не бидат темелно исчистени и не бидат отстранети сите недостатоци.
Од хотелот велат дека не може со сигурност да се тврди дека девојчињата се затруле во хотелот зашто носеле и храна однадвор. Затруените девојчиња закрепнуваат, а до понеделник треба да се знае кој беше предизвикувачот на труењето. (Ј.Ј.) |