Непотизмот направи хаос во битолското образование
Додека опозицијата обвинуваше за хаос и за партизација, директорите држеа лекции за непотизам
Битола - Непотизмот, партиските вработувања, фиктивните работни места, екскурзии во странство на сред оценување, е реалната слика за битолското средно образование, обвини вчера битолската опозиција. Таа отвори жестока дебата во Советот на Општина Битола каде што на дневен ред беа извештаите за работата на седумте средни училишта во градот. Додека опозицијата обвинуваше за хаос и за партизација на средното образование според примерот на онаа народната - нишај врата земај плата, директорите на средните училишта од советничката говорница држеа лекции што значи терминот „непотизам“.
Пандорината кутија неодамна ја отвори случајот со професорката по фармецевтска технологија од медицинско училиште, која по четири години работа, остана на улица, а на нејзино место се вработи штотуку дипломираната ќерка на подрачниот раководител за образование, Снежана Петровска, инаку висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
„Ако првиот човек за образование во Битола, Снежана Петровска, со својот личен пример го крши и законски и морално образовниот процес, тогаш кој сме ние да им судиме на директорите на училиштата. Рибата смрди од главата. Ако Петровска ги вработила во образование својата сестра, својата братучетка, внука, а сега и својата ќерка, треба правилно да се лоцира виновникот“, обвини Наташа Струмениковска, советничка од СДСМ.
Битолската опозиција преку конкретни примери констатира дека во училиштата во градот исклучиво се вработува по партиска или по роднинска линија, а вработувањата се или незаконски или несоодветни. „Се измислуваат фиктивни часови за настава и фиктивни работни места. Се отвораат и се финансираат паралелки со помалку од 25 ученици, со цел вработување партиски војници. Директори си ги вработуваат своите сопруги во училиштата, синови и ќерки, блиски роднини, а од друга страна, си поигруваат со човечки судбини“, критикуваше Јулијана Силјановска, советничка на СДСМ. Според опозицијата, ваквиот хаос во образованието се рефлектира врз квалитетот на знаење на учениците, што потврдуваа и податоците од последната државна матура. Во исто време е зголемен бројот на отсуства од настава на учениците.
„Како никогаш досега средните училишта организираат скапи екскурзии во странство. За секој државен празник се патува со Грција или во Турција. Не патуваат само оние пред матура, туку и учениците од прва и од втора година, и тоа во екот на оценувањето во првото тромесечје. Наместо на наставата и на оценувањето, тие мислат на патувањето“, обвини Лилјана Обедниковска, советничка од СДСМ.
По ваквите критики од опозицијата, директорката на средното Медицинско училиште во Битола, Јасмина Никич-Десановска, како најизвикана за партиските вработувања пред советниците одржа предавање за тоа што треба да се подразбере под терминот „непотизам“. „Непотизам би бил кога раководителката на подрачното образование, Снежана Петровска, би била директорка во Медицинското училиште и би ја вработила својата ќерка. Но, јас со нејзината ќерка не сум во роднинска врска, значи ова не е непотизам. Значи, нема потреба жално и со крокодилски солзи да ја плачеме професорката што остана без работа“, се правдаше Никич-Десановска, директорка на средното Медицинско училиште во Битола. (А.Б.) |