Современа депонија ќе го спаси Полог од еколошка катастрофа
Шест странски компании се заинтересирани да градат нова регионална депонија
Сања Наумовска Гојко Ефтоски
Изградба на нова депонија со европски стандарди ќе го реши долгогодишниот проблем со отпадот во Полошкиот регион, а тетовци ќе ги спаси од нови еколошки катастрофи предизвикани од илјадниците тони ѓубре што се исфрлаат во центарот на градот. Шест компании се заинтересирани да ја градат новата регионална депонија во полошкиот крај, на локалитетот Русино. Три австриски и по една германска, италијанска и грчка фирма ја поминаа фазата на претквалификација на тендерот на Министерството за животна средина за избор на концесионер што ќе управува со депонијата. Компаниите до крајот на март идната година ќе треба да ги достават своите финансиски понуди врз чија основа ќе биде направен конечниот избор. Според принципот јавно приватно партнерство, „Русино“ треба да стане модерна депонија што ќе ја замени сегашната што не ги задоволува ниту основните еколошки стандарди. Се очекува дека до есен идната година, во Полошкиот регион да биде избран идниот концесионер што ќе инвестира во постројки и опрема за собирање, транспортирање, третман и финално отстранување на отпадот.
Со воведување современи технологии, како и изградба на соодветна инфраструктура и пристап до депонијата, ќе се надмине ќор-сокакот околу поделбата на ингеренциите во кој западнаа локалните власти од Тетово и Гостивар поради кој, гостиварската депонија „Русино“ одбиваше да го прими тетовското ѓубре, сметаат во Министерството. Случајот резултираше со еколошка катастрофа предизвикана од илјадници тони отпад собран во центарот на Тетово, покрај железничката станица.
Идниот концесионер на „Русино“ ќе треба да подготви проект и да ја финансира изградбата на целосно нова депонија. Сегашната депонија ќе биде затворена, а локацијата рекултивирана. Третманот на отпадот ќе се врши според најсовремени технологии, што треба да обезбеди долг век на траење на депонијата. Со имплементацијата на овој проект, концесионерот треба да овозможи искористување на употребливите состојки на отпадот преку примарна и секундарна селекција. Само она што не може да се преработува ќе се депонира на ’Русино’, информираат од екологија.
„На јавниот повик објавен во мај се пријавија осум компании од кои една се откажа, една беше дисквалификувана, а во натамошната фаза беа претселектирани шест компании, австриските АСА, Пор и Штрабаг, Хелектор од Грција, Хинкел од Германија и Катанцаро од Италија.
За да добијат подетални информации за состојбите во управувањето со отпадот, како и за потребите на општините, претставници на компаниите минатата недела престојуваа во Македонија и ги посетија локациите ’Русино’, ’Мечкин Дол’ и трансфер-станицата во Тетово“, велат во министерството. На средба со сите градоначалници од регионот, идните концесионери се информираа за тековните проблеми во сферата на управувањето со отпад, во насока на поефикасно подготвување на нивните понуди. Идниот концесионер треба да обезбеди најниски трошоци и со тоа прифатливи цени за граѓаните.
Локалните власти во Тетово се задоволни од остварените средби и сметаат дека ова е единственото и најдобро решение за справување со проблемите со отпадот. Сепак, и натаму останува отворено прашањето кој ќе го собира сметот по населбите како и задолжителното постоење претоварна станица кај железничката станица на која би се вршело првичното селектирање. Токму ова последното е проблем на Тетово што трае повеќе од десет години особено поради тоа што под превезот на претоварна станица дел од центарот на градот се претвора во вистинска депонија. |