Пајак-службата во Скопје прави чистки и по населбите
Граѓаните поделени: некои ја фалат, а некои ја кудат ваквата „политика“
Горан Адамовски
Скопската Пајак-служба почна да прави чистки и по населбите. Возилата оставени на тротоари или зелени површини се селат во депото на ЈП „Градски паркинг“ во центарот на градот. Граѓаните се поделени: некои ја поздравуваат, а некои ја кудат ваквата „политика“ на Пајак-службата и на МВР, која ги чини возачите на погрешно паркираните возила и до 4.500 денари. Во ЈП „Градски паркинг“, пак, велат дека поради малиот број возила со кој располагаат, не успеваат да стигнат насекаде каде што има потреба.
„Имаме само шест возила, три постари и три нови, па поради тоа сме принудени најчесто да го чистиме централното градско подрачје. Граѓаните, но и градоначалникот, постојано апелираат да бидеме поактивни и поажурни и во населбите, но и тука сме врзани, бидејќи ние сме само сервис на полицијата, бидејќи без службеник на МВР, кој ќе казни за непрописно паркирање, ние не можеме да го подигнеме возилото. Но, во последниов период се трудиме да воведеме ред и во населбите, иако, нормално дека тоа нема да им се допадне на дел од граѓаните“, вели Панче Стојановски, заменик-директор на „Градски паркинг“.
Дел од граѓаните сметаат дека било крајно време да се средат и населбите.
„Што беше тоа, паркира кој каде ќе стигне. Знае дека нема да го казни никој и ајде. Затоа, добро е што ‘Пајак��т‘ почна да интервенира и во населби“, вели Драгица Костовска од населба Кисела Вода. Сепак, дел од нејзините соседи имаат сосема поинаков став од неа.
„Автомобилот ми беше паркиран на споредна улица и никому не пречеше. Утредента кога сакав да одам на работа - ме удри шлог. Не знаев дали некој ми го украл. На ‘Пајакот‘ ни на крај памет не ми текна. Среќа, ме виде еден сосед и ми кажа дека ‘Пајакот‘ ни ги собрал возилата. Отидов во депото, си платив 2.000 денари и си го зедов автомобилот. Да биде иронијата поголема, дури и требало да бидам благодарен, што полицаецот не ми напишал казна за непрописно паркирање, инаку и за тоа ќе платев уште 45 евра“, вели еден од станарите на улицата „Сава Ковачевиќ“ во Кисела Вода. „Пајакот“ доаѓал секој ден цела недела. Таму сега нема паркирани возила на тротоарот, но има нов проблем: нема паркинзи, па секоја вечер се води „војна“ да се фати место на сигурно.
Кисела Вода е прва на листата на Пајак-службата, особено што поради големиот број (диво)градби, новите жители на населбата немаат каде да ги остават возилата. Чистки од Пајак-службата се правеле и во Аеродром, особено пред ТЦ „Бисер“, а граѓаните и од друга населби се јавуваат во нашата Редакција да се пожалат дека нема каде да се паркираат, бидејќи можат да настрадаат ако ги остават возилата на тротоар.
„Од друга страна, пак, не можеме да постигнеме секаде каде што граѓаните бараат наша интервенција. Еве, во Карпош на пример, но, ни недостигаат возила. Сега во план ни е да набавиме уште три, а кога би се комплетирале со вкупно 12 возила, тогаш приказната би била друга “, смета Стојановски.
Во МВР велат дека чистките по населбите биле редовни активности за непречено одвивање на сообраќајот, и дека сообраќајните правила важат подеднакво и во централното градско подрачје и во населбите.
Инаку, полицаецот најпрво пишува казна за непрописно паркирање, која може да изнесува и до 200 евра, ако возилото е паркирано на пешачки премин, а потоа ја вика и Пајак-службата да го крене возилото, за што се плаќа уште 2.000 денари или 1.200, ако возачот го фати „пајакот“ на дело. Сепак, постојат случаи каде што полицијата „простува“ за паркирање, па граѓанинот е должен да плати само за „пајакот“. |