Бугарски туроператор ќе одговара за бродската несреќа
Бугарското Обвинителство поведе обвинение против тамошниот туроператор што го организираше ланското фатално патување на туристите од Бугарија, кои загинаа во бродската несреќа во Охрид. Медиумите од Софија известуваат дека туроператорот ја организирал турата во Охрид, иако немал лиценца.
Како што е познато, големата трагедија во водите на Охридско Езеро се случи во септември минатата година кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животите ги загубија 15 бугарски државјани. Охридското Јавно обвинителство поднесе обвинение против капетанот на бродот, Сотир Филески, и инспекторот на „Лојд“, Бранко Баиќ, кој издал уверение за способност за пловидба по Охридско Езеро. (Г.А.) |