Почина „слободната жена“ Џил Клејбур
Филмот „Слободна жена“ на актерката и донесе светска слава
На 5 ноември во својот дом во Конектикат, на 66-годишна возраст, почина познатата холивудска актерка Џил Клејбур од леукемија, болест со која таа се бореше во последните 20 години. Џил Клејбур остана запаметена како една од иконите на феминизмот во 70-тите години, остварувајќи ја својата животна улога во филмот на Пол Мазурски „Слободна жена“. Тој филм беше од оние што успеваат да останат обележје на едно време, инкорпорирајќи се со темата и со пристапот како негов составен дел. „Слободна жена“ беше филм што на свој начин придонесе во тоа време да се дефинира феминизмот и кој Џил Клејбур и нејзиниот лик на Ерика го претвори во прототип на слободна жена, отворајќи ги тогаш горливите прашања за разводот, за самостојноста на жената и за сексуалната слобода.
Овој филм од 1978 година ја претвори Џил Клејбур во вистинска ѕвезда. Во тоа време во Кан тоа беше филмот на годината, филмот кој направи бум, кој крена голем прав и на Клејбур и' ја донесе наградата за главна улога. „Слободна жена“ понесе и три номинации за „Оскар“, меѓу кои беше и оној за најдобра женска улога. „Оскар“ не доби, бидејќи истата година имаа номинации уште два култни филма, „Ловец на елени“ и „Враќање дома“, за кој Џејн Фонда освои „Оскар“. Како и да е, и покрај тоа што Клејбур подоцна нема да оствари кариера каква што се очекуваше, сепак, и денес се смета за една од најважните актерки во 1970-тите заедно со Џејн Фонда, Гленда Џексон, Дајана Китон и помладата Мерил Стрип.
Џил Клејбур е родена 1944 година во Њујорк. Образованието го стекнала на познатиот колеџ „Сара Лоренс“ и на почетокот играла на театарска сцена во Бостон и во продукции надвор од Бродвеј. Па, сепак, во почетокот на 70-тите години првите запазени улоги ги остварува токму на Бродвеј, во мјузиклите „Ротшилдови“ и „Пипин“. Инаку, првата филмска улога ќе ја одигра во првенецот на Брајан де Палма „Свадбена забава“ од 1969 година, но потоа, до средината на 1970-тите години, главно, игра во телевизиски продукции. Во 1975 година добва номинација за наградата „Еми“, за улогата во телевизискиот филм „Проститутки“, а одлична ролја оствари и во улогата на Керол Ломбард во филмот посветен на љубовната приказна на познатата филмска двојка, Ломбард и Клерк Гебл.
„Слободна жена“ и' ја донесе светската слава и ја вивне високо на скалата, меѓу најзначајните тогашни филмски ѕвезди чии улоги и енергија придонесоа до преобликување на водечките женски ролји. Веднаш по овој филм, ја доби и главната улога во „Да се почне од почеток“ на Ален Џеј Пакула, покрај Берт Рејнолдс и Кендис Берген, што и' донесе уште една номинација за „Оскар“. Интересно е дека, и покрај тоа што Џил Клејбур беше исклучително надарена и оствари навистина фантастични улоги, наеднаш во почетокот на 1980-тите години, кога улогите на „слободните жени“ веќе не беа толку интересни, нејзината кариера драстично опадна.
Во следните години таа се' повеќе играше на телевизија, а поретко на филмското платно. Тоа е дотолку поинтересно што Џил Клејбур воопшто не беше од оние ѕвезди што играа само одредени улоги, напротив, таа во текот на својата кариера одигра многу различни улоги. Ја гледавме во 1986 година во „Каде се децата“, потоа во одличниот трилер „Шепотења во ноќта“ од 1992 година, па во „Патувајќи постојано“ или љубовниот „Никогаш повторно“, а многу добри улоги оствари и во телевизиските серии „Закон и ред“ и „Валкани пари“, заедно со Доналд Сатерленд. Не случајно, во 1999 година „Ентертеимент викли“ ја вброи меѓу 25 најголеми холивудски актерки.
И покрај болеста, а и покрај тоа што кариерата отиде во друг правец, сепак, Клејбур остана активна до крајот, носејќи и натаму многу особени ролји. Последната улога и' беше во комедијата „Љубов и други дроги“, а следната година треба да излезе и нејзиниот последен филм „Бридесмаидс“. Џил Клејбур имаше мирен семеен живот. На почетокот на 1970-тите години пет години живееше со Ал Пачино, а во 1979 година се омажи за познатиот сценарист Дејвид Рабе и со него остана до крај. (С.У.) |