„Писател-дух“ со седум номинации за „европски оскар“
Во главната трка за наградите на ЕФА се ветеранот Роман Полански и дебитантот Семјуел Маоз со „Либан“
Сунчица Уневска
Филмот на Роман Полански, „Писател-дух“ годинава ги освои гласовите на членовите на Европската филмска академија, понесувајќи дури седум номинации за европските награди кои се сметаат за еквивалент на американските „оскари“. Интересно е дека втор на листата по број на номинации е минатогодишниот венециски лауреат, филмот „Либан“ на Семјуел Маоз, кој доби пет номинации, а на трето место е берлинскиот победник, турскиот „Мед“ на Семи Капланоглу со три номинации (од кои две во главните категории), и толку. Сите други филмови кои се во трката за европските награди немаат повеќе номинации, од една или најмногу две. Ваквата необична ситуација ги стави во преден план „Писател-дух“ и „Либан“, наметнувајќи го очекувањето дека и триумфот ќе им припадне ним. Иако, никогаш не се знае, впрочем, за наградите кои ќе се објават на 4 декември на 23. свечено доделување кое ќе се одржи во Талин, Естонија, гласаат дури 2.300 членови на Европската филмска академија и, се разбира, изненадувања се секогаш можни.
Но, да се вратиме на годинешните номинации. Во трката за најдобар филм се шест остварувања, меѓу кои се и: францускиот „За боговите и за луѓето“ на Ксавиер Бувоа, шпанско-аргентинскиот „Тајната во нивните очи“ на Хуан Хозе Кампанела (инаку, добитник на „Оскар“ за странски филм) и германско-турскиот „Душата на кујната“ на Фатих Акин. Последните два ја имаат само оваа номинација, што дефинитивно е многу необична ситуација, а „За боговите и за луѓето“ има номинација и за фотографија.
Во категоријата за режија влезени се само првите три филма, а тоа значи: Полански, Маоз и Капланоглу, на кои им се приклучуваат Оливие Асаја за „Карлос“ и Паоло Вирзи за „Првото убаво нешто“. Додека во категоријата за сценарио од филмовите од главната трка за „европскиот оскар“ ќе се борат само „Писател-дух“ и „Либан“, а другите две номинации ги добија, француско-романскиот „Концерт“ на Раду Михаилеану и шпанско-францускиот „Ќелија 211“, кој има номинација и за најдобра машка улога на Луис Тосар.
Ветеранот Роман Полански со „Писател-дух“ повторно се враќа во големата игра, по цели осум години од наградуваниот „Пијанист“. Овој филм доби одлични критики, но засега признанијата остануваат во Европа, бидејќи пред оваа трка единствена награда која ја освои е „Сребрената мечка“ за режија. Како и да е, во конкуренција за „европските оскари“ овој филм, покрај номинациите за најдобар филм, режија и сценарио, номиниран е и за монтажа, сценографија, за улогата на Иан Мекгрегор и за музиката на Александар Десплат. Интересно е дека најголемиот негов конкурент е, всушност, дебитантот Маоз, на кого „Либан“ му е прв игран филм. Но, факт е дека тој со овој антивоен филм, целосно снимен во тенк, ги одушеви сите и веќе понесе 15 награди и номинации. Во европската трка, покрај трите главни категории за филм, режија и сценарио, има номинации и за монтажа и за фотографијата на Гора Беах, кој на неодамна завршениот „Браќа Манаки“ освои „Бронзена камера 300“.
Филмот „Мед“ на Капланоглу, покрај номинации за филм и режија, номиниран е и за најдобра фотографија. Во атрактивните категории за најдобра улога се појавуваат полно други филмови, бидејќи од делата во главната трка, номинација има само за Мекгрегор за „Писател-дух“. За најдобра женска улога ќе се натпреваруваат: Зринка Цвитешиќ за улогата во босанскиот „На патот“ на Јасмила Жбаниќ, потоа Сибел Кекили за германскиот „Кога си одиме“, Лесли Менвил за „Уште една година“ на Мајк Ли, Силви Тестуд за „Лурдес“ на Џесика Хауснер и Лоте Вербек за „Ништо лично“ (кој беше во Битола). Покрај Мекгрегор и споменатиот Луис Тосар, во трка за најдобра машка улога се и: Јакоб Седергрен за „Субмарино“, Елио Џермано за „Нашите животи“ и Георг Пистереану за „Ако сакам да свирнам, ќе свирнам“.
Почесната награда за европско достигнување во светскиот филм, ќе ја добие познатиот композитор на филмска музика Габриел Јард („Бети блу“, „Англискиот пациент“, „Животот на другите“), а европската статуетка за животно дело ќе му припадне на исклучителниот актер Бруно Ганц, познат по својата соработка со Вендерс, Херцог, Шлендорф, па се до „Читачот“ на Стивен Далдри.
Европските филмски награди, кои секоја втора година се доделуваат во Германија, оваа година својата свечена церемонија за првпат ќе ја имаат во Талин, на прекрасниот балтички брег. На 4 декември во супер модерниот објект „Соларис“, во присуство на 1.830 гости, по 23. пат ќе се доделат европските признанија, чие значење од година в година станува се поголемо. |