Македонија доби 200 милиони долари од Светска банка
Македонија доби 200 милиони долари од Светска банка за наредните четири години, или по 50 милиони долари секоја година, почнувајќи од 2011 година. Министер за финансии Зоран Ставрески и постојаниот претставник на Светска банка во Македонија, Лилија Бурунчук, вчера ја презентираа новата Стратегија за партнерство. Од добиените пари, околу 100 милиони долари ќе бидат инвестирани во енергетски проекти. Два значајни проекта ќе бидат приоритет, изградбата на далноводот кон Србија, кој Светска банка ќе го подржи со 19 милиони долари, а за изградба на браната „Луково Поле“ ќе бидат инвестирани 50 милиони долари. Владата ќе добие околу 30 милиони долари од Светска банка и за буџетска подршка. Според претставникот на Светска банка во Македонија, Бурунчук, само побрз економски раст и подобрувањето на бизнис-опкружувањето може да и' помогне на земјава да излезе од високата невработеност, кој е најголем проблем. Според неа, и покрај напредокот на земјава, се' уште има предизвици. Меѓу нив се невработеноста, сиромаштијата, здравството, социјалната заштита, конкурентноста, деловното опкружување и заштита на животната средина. Затоа, според неа, фокусот на подршката на земјава ќе биде ставен на пазарот на трудот, конкурентноста, иновации и екологијата. Во изминатите 15 години, Светска банка има инвестирано1,1 милијарди долари во земјава. (С.М.) |