07.10.2011, 17:34 Само Игор Спасов ќе одговара за убиството

Дали „тигарот“ Спасов, сепак, бил на работа кога го усмрти Нешкоски?
Горан Адамовски
Обрач околу скопското Јавно обвинителство направија група граѓани незадоволни што единствено „��игарот“ Игор Спасов (32) ќе одговара за убиството на Мартин Нешкоски (22), извршено на 6 јуни годинава, односно ноќта кога се славеше изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. „Слеп обвинител - селективна правда“, порачаа тие незадоволни што изјавите на десетина очевидци дека полицајци му помагале на Спасов да го пренесе телото на момчето, а потоа го пуштиле да си замине од местото на настанот, не пријавувајќи го случајот како убиство.
„Обвинителството покажа дека нема способност за контрола врз полицијата“, изјави Предраг Ристиќ од Движењето „Стоп за полициска бруталност“.
Оттаму велат дека Обвинителството направило и низа пропусти во актот, поради што ќе се жалат до судот во Стразбур, а ќе ги известат и сите меѓународни институции во земјава. Неговиот колега Воислав Стојановски најави дека ќе почнат со собирање на 10.000 потписи, со цел да биде донесен Закон, според кој, контролата на полицијата ќе ја врши независно тело, а не Секторот за внатрешна контрола на МВР.
Родителите на Нешкоски уште еднаш побараа одговорност во врвот на МВР за убиството на нивниот син и обидот за прикривање на случајот, како и за лошата истрага.
Обвинителството бара казна за Спасов бидејќи утврдило дека по инцидентот што се случил на бината, кога Нешкоски се обидел да дојде до премиерот, Спасов почнал да го брка. Кога го стигнал, со тупаница го удрил по вратот, по што паднало момчето. Нешкоски се обидел да стане, но „тигарот“ со клоци и тупаници продолжил да го удира по главата и по телото. Мартин молел да престане, но Спасов продолжил да удира се' додека не паднал во несвест. Му нанел тешки повреди по целото тело, поради што Мартин починал во 24,30 часот.
Во своето сведочење, дадено на 14 септември, Спасов тврди дека вечерта на плоштадот „Македонија“ бил работно ангажиран, што постојано беше негирано од надлежните во полицијата. Во обвинителниот акт, до кој дојде „Утрински“, Спасов вели дека околу 23 часот тој и неговите колеги се вратиле во базата. Половина час подоцна, старешината ги известил дека се повторно ангажирани и се упатиле кон штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Нивна задача, како што тврдел Спасов, била физичко обезбедување на поширок периметар, односно чување на претседателот и на министрите на оддалеченост од два до три метри. Нешкоски, наводно, не го познавал претходно, но вечерта го забележал откако неколкупати се обидел да се доближи до премиерот. Клучниот момент се случил пред бината кога Мартин се обидел да се качи на неа, а Спасов не му дозволил. Момчето почнало да бега, Спасов трчал кон него за да го приведе. Нешкоски се сопнал на каблите и паднал на плочникот, Спасов дошол до него, видел дека очите му се затворени, но мислел дека симулира, па со левата нога го удрил во слабината. Се обидел да го крене, но телото му паднало и сфатил дека момчето е во несвест. Го седнал на клупа, по што дошле униформирани полицајци и во цивилна облека, на возраст од 40 години. Видел дека пулсот на Мартин бил забрзан, дишењето нормално, го попрскал со вода и со шлаканици се обидел да го разбуди. Им рекол на службените лица да повикаат Итна медицинса помош, а заедно со „високото машко лице“ го пренеле телото кон зградата на МЕПСО и го ставиле во полуседната положба за Итната помош да има полесен пристап. Спасов тврдел дека освен ударот со нога, ниту еднаш не го удрил Нешкоски. Му го проверувал пулсот додека ја чекале Итната медицинска помош, но потоа им кажал на полицајците дека мора да си оди, бидејќи бил работно ангажиран. Се вратил на бината, потоа си заминал дома. Утрото, во седум часот се јавил на работа. Дури вечерта, околу 19 часот, го известиле дека треба да се јави во МВР и оти е осомничен за настанот, тврдел „тигарот“ во својата одбрана.
Неговата одбрана не била прифатена. Распоредот за работа покажал дека Спасов бил ангажиран само до полноќ, а телото на момчето пред зградата на МЕПСО било донесено околу 24,40 часот. Случајот го пријавил дежурен полицаец од ПС Центар, кој известил за „починување на лице од непознати причини“, смртта ја констатирала екипа на Итната медицинска помош (повикот бил регистриран во 24,27 часот, пристигнале во 24,33, а смртта била констатирана четири минути подоцна), а телото е дадено за обдукција. МЕПСО ги известил надлежните дека рекордерот за снимање не им работел поради неисправност, Општина Центар не можела да изготви цеде со видеозапис од камерите поставени на плоштадот, бидејќи тие не ги поставиле и немале дадено одобрение за нивно поставување, а Градот Скопје не можел да достави снимки бидејќи камерите не биле во нивн�� надлежност.
Како што е познато, смртта на момчето предизвика серија протести низ земјава, бидејќи на надлежните им беа потребни два дена да утврдат оти станува збор за убиство. |