Нови кривични пријави за ланските избори
МВР досега расветли 56 случаи на нарушување на изборниот процес, поради што биле пријавени 211 сторители
Полицијата поднесе кривични пријави против Р.М. (42) од Куманово и пет непознати сторители поради сомневање дека на ланските парламентарни избори сториле кривично дело спречување избори и гласање. Според МВР, пријавените на 1 јуни минатата година, околу 13,50 часот влегле на избирачкото место бр.1033 во управната зграда на ЈП „Зелен пазар” во Куманово, по што на висок тон им наредиле на членовите на Избирачкиот одбор да не ги допираат мобилните телефони, заканувајќи им се дека ќе имаат сериозни последици, ја затвориле вратата, ги принудиле да заокружуваат гласачки ливчиња, а истовремено и самите заокружувале и полнеле кутии со гласачки ливчиња. Р.М. во моментов се наоѓа во затворот „Скопје“, бидејќи бил опфатен во акцијата „Пепел“.
„МВР досега расветли 56 случаи на нарушување на изборниот процес, поради што биле пријавени 211 сторители на 85 кривични дела и поднесени 48 кривични пријави, додека 19 лица се пријавени за сторени 16 прекршоци“, велат од полицијата.
Поради непочитување на законските правила и прописи, од работните места се суспендирани 28 полициски работници, при што против 11 од нив се преземени мерки на кривичен прогон поради сомневање дека учествувале во изборните нерегуларности. (Г.А.)
|