Поконкретно против „преродбата“
Петре Темелковски, Куманово
Долгогодишниот функционер на СДСМ, Ѓорѓи Спасов, не сака воопшто да навлегува во суштинските работи, кои треба да го консолидираат СДСМ и целата острица ја вперува во Груевски и во ВМРО-ДПМНЕ. Во право е секако, но тоа за опозицијата не е доволно.
За жал, тој не сака или од негови причини не може да се впушти во посуштинските работи, кои СДСМ треба задолжително да ги преземе.
Опозицијата, а посебно СДСМ е пред голем предизвик за сопствената консолидација.Таа не би била можна доколку не почне со „таткото на нацијата“. Овој предизвик не стои само пред членовите на СДСМ туку и пред сите приврзаници на опозицијата, кои ќе се борат против оваа антиреформска, националистичка и популистичка политика на ДПМНЕ.
Делбите и бранувањата треба да бидат дозволени во СДСМ доколку се отвори расправа (а таа е неминовна) за тоа дека партиските активисти кои во дискусиите се префрлуваат на страната на ДПМНЕ не им е место во „сината партија“.
На пример, недозволиво е сега ние уште да зборуваме за „деструктивна,неморална и сурова политика на НАТО“ (тоа го прави и ДПМНЕ), ако градиме политика дека „нерешавањето за спорот со името е решение“ и ако уште мислиме дека (а од тогаш поминаа веќе 6 месеци) директните преговори помеѓу Србија и косовските Албанци, а не преговорите со посредство на пошироката заедница, треба да донесат решение, а ние ќе калкулираме во меѓувреме со признавањето на новата држава.
Впрочем, видовме дека решение за соседно Косово со директни преговори не е можно помеѓу Србија и косовските Албанци! Впрочем, познати се изјавите од Србија дека тоа не е можно и дека таквата лажна држава нема да биде призната.
Мислам дека се апсолвирани некои работи од раководството на СДСМ дека јавна потрошувачка од 2,8 милијарди евра(централен,општински буџети и фондовите) ќе се трошат на „глупости“- нека простат скулптурите на Алксандар и новите цркви на МПЦ.
Значи, не е во прашање дали на чело на партијата ќе биде Заев или Ивановски, во прашање се подлабоки и посуштински теми по кои треба опозицијата да изгради ставови и по кои ќе биде препознатлива во јавноста.
Потребна е отворена опозиција, потребни се средби со граѓани, потребни се похрабри иницијативи кои ќе ја совладаат „преродбата во сто чекори“.
Во спротивно, тешко, многу тешко ќе биде за СДСМ, за опозицијата и за граѓаните на РМ. |